Унгарската коалиција во САД го поддржува приемот на Македонија во НАТО

 

Унгарската американска коалиција, организација која ги застапува Унгарците што живеат во САД, упати повик со поддршка за приемот на Македонија во НАТО.

- Го поздравуваме писмото упатено до секретарот Џон Кери со кое членови на Конгресот на САД ја изразија својата поддршка за проширување на НАТО. Натамошното проширување на Алијансата секогаш беше значајна цел, особено за приемот на Македонија и Црна Гора. Ние постојано ја поддржуваме работата на Коалицијата за централна и источна Европа и на Обединетата македонска дијаспора и нивните напори за членство во НАТО. Сите иницијативи кои ќе го охрабрат спроведувањето на акцискиот план за членство и на Грузија и Босна и Херцеговина исто така треба да бидат поддржани. Во 2014 година одбележуваме 15 години од приемот на Унгарија, Полска и Чешка во НАТО, и важно е да се потсетиме на првичните иницијативи за засилување на Алијансата и за ширење на зоната на безбедност врз целата Европа. Сметаме дека проширувањето на НАТО е критично за идната релевантност и виталност на Алијансата, пишува во реакцијата на Унгарската американска коалиција.

Унгарската организација е дел од Коалицијата за Централна и Источна Европа, која се залага за приемот на поголем број држави од овој регион во НАТО. За таа цел остварува средби со американската администрација и Конгресот.

14.02.2014 - 08:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега