Пејнтер: Македонија е подготвена - прием во НАТО согласно пресудата од Хаг
САД и европските земји го намалија својот интерес за проширувањето на НАТО, пред се поради тоа што регионот на Балканот се смета за релативно стабилен. Македонија останува најдобро подготвена за прием во НАТО, и тоа треба да се случи на самитот во Британија, согласно пресудата на Меѓународниот суд на правдата, оценува Сали Пејнтер, директор во консултантската куќа Блу Стар Стратеџис во Вашингтон, која советувала поголем број европски држави за приемот во НАТО.
Пејнтер е поранешен советник за трговија во администрацијата на претседателот Бил Клинтон, а денес работи со поголем број странски држави во нивните односи со НАТО, како и компании и политички партии во нивните ангажмани во САД. Како добар познавач на регионот на Балканот и на Источна Европа, Пејнтер смета дека на претстојниот самит на НАТО во Британија може да се отвори прашањето за проширување на Алијансата.
- Во изминатите години имаме недостиг на лидерство од страна на САД и на Европската Унија во врска со стратегиската насока на Алијансата, како и во други мултилатерални групи. Балканот и Источна Европа се гледаат како релативно стабилни, со што, во очите на создавачите на американската надворешна политика се намали ургентноста од потребата да се прошири НАТО. Секако, последните настани во Украина и протестите во Босна може да го сменат овој начин на гледање на работите. И јас и други многупати сме кажале дека НАТО е организација која е заснована на обезбедувањето заедничка безбедност и просперитет меѓу земјите членки, и нејзините врати треба секогаш да бидат отворени за нови членки кои ги исполнуваат критериумите и не претставуваат безбедносна закана за другите членови. На прашањето дали самитот ќе биде фокусиран на проширувањето, мојот одговор е да. Има повеќе земји кои се дојдени до разни фази на овој процес, и заслужуваат целосно внимание. Моментално, Македонија ги има исполнето сите неопходни критериуми за членство во НАТО и се надевам дека земјите – членки ќе бидат конструктивни во врска со приемот на Македонија и ќе гласаат позитивно. Дополнително, се надевам дека ќе видиме напредок во процесот за прием на Црна Гора, како и стратегија за Грузија, Србија, Косово, Украина и Босна и Херцеговина, вели Пејнтер во разговор со МИА.
Таа оценува дека посетата на претседателот на Владата Никола Груевски на седиштето на Алијансата во Брисел, служи како добар потсетник дека Македонија е посветена на членството во НАТО и продолжува да ја поддржува Алијансата. Според неа, спорот за името е билатерално прашање кое не би смеело да се поставува во прашања како што е проширувањето на НАТО, и кое треба да се регулира од меѓународното право.
- Продолжувањето на разговорите меѓу Македонија и Грција, под покровителство на Обединетите нации, е клучно за решавање на спорот за името меѓу двете земји. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата, како водечки судски орган на Обединетите нации, треба да се почитува. И други западни земји, како САД и Италија, ги почитувале пресудите на МСП кои не биле во нивна полза, како во случаите поврзани со кршењето на Виенската конвенција. Дали ќе им дозволиме на Грците да покажуваат непочитување кон НАТО поради Македонија? Организација како НАТО треба да се срами од тоа што не дозволува прием на квалификуван, посветен партнер, само поради изолиран спор кој се однесува само на една членка од Алијансата. Спорот за името на Македонија нема никакво значење за мировните операции на НАТО или за посветеноста кон безбедноста на земјите – членки, вели Пејнтер.
Во пресрет на самитот кој ќе се одржи во септември во британскиот град Њупорт, Македонија доби поддршка од 40 конгресмени и некои од највлијателните американски сенатори за приемот во НАТО.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа