Мијатовиќ: Законите за медиуми се многу добри - важно е нивното спроведување

 

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, смета дека Македонија не се разликува многу од останатите земји во Западен Балкан на полето на слобода на медиуми. 

- Мојата оценка е дека законите за медиуми сега се многу добри. Експертите од мојата канцеларија имаа одлична соработка со властите при нивната подготовка и јас го поздравувам тоа што најголем дел од нашите материјални забелешки беа прифатени. Сега е важно нивното спроведување кое ќе им даде можност на сите да ги оценат ефектите и да видат дали ќе се подобри состојбата со слободата на медиумите во земјата, порача Мијатовиќ на денешната прес-конференција.

Според Мијатовиќ e најважно овие закони да се спроведуваат на начин со кој ќе се промовира медиумската независност, ќе се обезбеди плурализам на мислењата и да се слушне гласот на сите засегнати страни.

- Целосното учество е единствениот начин да се подобри медиумското опкружување без разлика колку е тоа тешко. Позитивно е што медиумската заедница беше консултиранa и зема учество во подготовката на овие закони. Мора да најдете заедничка основа да се осврнете на прашањата кои ќе бидат од полза на сите вас. Подготвена сум со мојот тим да помогнам, но мислам дека едниствените кои можат да го решат овој проблем се новинарите и новинарската зедница во Македонија. Целосното учество на сите е единствен начин да се подобри опкружувањето на медиумите, рече Мијатовиќ.

Претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите,  го поздравила фактот што Македонија ја декриминализираше клеветата, но додаде дека се уште има голем број случаи во кои казните можат да предизвикаат одредени медиуми да се соочат со уништување.

Најави дека од македонските власти добила поддршка во септември во Скопје да ја организира најголемата конференција на ОБСЕ во Југоисточна Европа на која ќе се разговара за проблеми кои се важни за целиот регион.

- За мене најважна е безбедноста на новинарите и тие да можат слободно да ја вршат својата работа. За жал, можам да кажам дека тоа не е случај во ниту една од земјите во Западен Балкан. Има одредени прашања во кои некои земји се подобри или полоши, но мислам дека не може што било да се постигне со споредби, прецизира Мијатовиќ. 

12.02.2014 - 11:59
Фото: 
Новатв.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега