„Да се искористи грчкото претседателство за Македонија да ги почне преговорите“
Aнализирајќи ја последната резолуција на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот на Македонија во 2013 година, европратениците истакнуваат дека „треба да се искористи грчкото претседателство со ЕУ за да се реши проблемот со името и Македонија да започне преговори за членство во ЕУ“, јавува МИА.
Според европратениците, посебно тие кои ја поддржуваат евроинтеграцијата на Македонија, последната резолуција на ЕП за Македонија е многу посилна од претходните.
- Мислам дека тоа е добра резолуција, бидејќи ги повторува позитивните зборови кои ги употребувавме и во минатите години. Тоа што ми се допадна во дискусијата на пленарното заседание е што апсолутното мнозинство од сите кои зборуваа, рекоа дека сега е потребно да се започне со преговорите за членство во ЕУ. Потребно е и да се искористи позитивно сегашната позција на Грција како претседавач со ЕУ, за грчката влада конструктивно да придонесе за решавање на проблемот кој трае долго време, вели Едуар Кукан европратеник од редовите на Народните партии, пренесува МИА.
Според него, потребен е компромис од двете страни за да се најде решение за проблемот со името и оти сега е вистинскиот момент за тоа.
- Јас сум оптимист, но не многу за идниот развој. Невозможно е да се задржи вечно позицијата во која се наоѓаме сега, бидејќи ако ништо суштински не се случи за време на грчкото претседателство ќе биде тешко да се очекува дека нешто ќе се случи потоа, нагласува Кукан.
Слично размислува и неговата колешка од Романија Норица Николај, од редовите на групата на Либералите.
- Прв пат сметаме дека Грција ќе донесе одлука околу името, бидејќи нејзиното досегашно однесување е злоупотреба на позиција и тоа треба да се прекине, изјави Николај.
Таа во дебатата побара да се прекине со хипокризијата кон Македонија.
- Јас бев иритирана од позицијата на Советот, кога грчкиот министер за надворешни работи Венизелос, побара уште напредок, велејќи дека проблемот со невработеноста е голем во Македонија. Но јас го потсетив дека во седум земји од ЕУ стапката на невработеноста ја надминува таа на Македонија, рече Николај.
Таа посочи дека однесувањето на Грција е хипокризија и ја повика да прекине со тоа однесување и да води проевропска политика.
- Се надевам дека Македонија ќе започне со преговори. Тоа е во интерес не само на Македонија, туку и на ЕУ, бидејќи Унијата има потреба од Македонија во нејзините рамки, истакна Николај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа