Попоски се сретна со Венизелос - еве за што се дискутирало

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, синоќа присуствуваше на работната вечера што високата претставничка за надворешна политика на Европската унија Кетрин Ештон и шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Унијата го одржа со министрите од државите-кандидати за членство во ЕУ.

Министерот Попоски се сретнал и со својот грчки колега, Евангелос Венизелос, кој потврдил дека идниот четврток доаѓа во посета на Македонија. Главни теми на вечерата биле случувањата во Босна и Херцеговина и Источното и Јужното партнерство.

- Синоќа имавме редовен состанок што министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија го одржуваат со земјите-кандидати за членство. Неколку теми дискутиравме, при што во фокусот беа збиднувањата во Јужното и Источното соседство на Унијата, како и последните настани во Босна и Херцеговина кои предизвикуваат интерес од аспект на сите земји што се на пат за пристапување кон Унијата, при што беа споделени повеќе мислења дека можеби во рамките на ЕУ се потребни превентивни ангажмани, односно ангажирање на дипломатијата за подобрување на односите, вели шефот на македонската дипломатија, пренесува МИА.

Според македонскио министер, останала главната порака дека сите земји од Балканскиот полуостров се предодредени за членство и Европската унија стои на ветувањето дека ќе бидат дел од Унијата.

- Разговаравме и за значењето на овој процес да добие определена динамика, т.е. да не се успори, особено за време на Грчкото претседателство со ЕУ. Имав можност и за повеќе неформални средби со повеќе колеги од нашиот регион и земји-членки на Унијата. Колегата од нашиот јужен сосед најави дека во текот на идната седмица, конкретно в четврток, планира да дојде во Македонија и да не посети. Пораките се дека и покрај тоа што не фигурира како приоритет, проширувањето останува определна заложба за нивната акција оти во 2003 година, истата земја кога претседаваше со ЕУ, се има заложено да остане ветувањето дека сите балкански земји ќе бидат дел од ЕУ, додава Попоски.

Тој потврдува дека разговарал и со шефот на дипломатијата на Бугарија, Вигенин, во врска со можностите да се интензивира соработка во неколку проекти.

- Тоа вклучува и обраќање до Европската комисија за посилна поддршка на Коридорот 8, кој е значаен за Република Македонија, како и за потребите за размена на простор за амбасади во Скопје и Софија, како и неколку други проекти што се во тек. За нас е значајно да ја задржиме динамиката и со Пристапниот дијалог на високо ниво, нешто за што испорачавме повеќе резултати и кое очекуваме следнио период да ни помогне околу клучните реформи што се најзначајни за членство во ЕУ, заклучува министерот Попоски.

Попоски утре ќе го придружува премиерот Груевски кој ќе оствари средба со генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен.

11.02.2014 - 13:19
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега