Нема веќе „Намерно ме бутнаа“ - задолжително ќе се снима полагањето возачки испит
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска го посети Здружението на возачи во Велес, каде присуствуше на првите часови на практичните испити на полигонот, на првиот ден од примената на новините во Правилникот за полагање на возачки испит во Македонија.
Во сите испитни центри за полагање на возачки испит отсега се воведува видео документирање на вежбите на полигон и градско возење на сите кандидати кои полагаат возачки испит.
Јанкулоска објасни дека тие се одлучиле на ваков чекор заради контрола на кандидатот и контрола на комисиите, а се со цел доколку кандидатот не е задоволен од исходот на испитот, да може да ја провери снимката и да се види дали има отстапување во финалната оценка што му ја дала комисијата.
Министерката потенцираше дека снимањето е задолжително и дека со новиот правилник се воведени и нови построги вежби.
- Сето тоа е со цел да се потврди квалитетот на обуката, а во крајна линија тоа ќе влијае и на подобрување на општата безбедност на сообраќајот на патиштата во земјава, изјави Јанкулоска.
Според најновите статистики на МВР, таа констатира дека во Македонија е зголемен бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Затоа, потенцира Јанкуковска, МВР прави напори за подобра обука на новите возачи, а кои понатаму ќе се вклучат во сообраќајот.
- Обуката треба да биде квалитетна и ние како МВР треба да бидеме сигурни дека испитувањето на кандидатите е направено на максимално професионален начин, истакна Јанкуловска.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа