Даниелсон: Ги поттикнуваме Македонија и Грција да најдат решение за името

 

Европската комисија не е во позиција да ги почне преговорите за влез на Македонија во Европската унија се додека двете страни не дојдат до решение за разликите за името.

Ова го изјави генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон кој денеска одржа предавање на тема „Предизвиците на проширувањето на Европската Унија“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

- Комисијата не е дел од оваа дискусија. Ги поттикнуваме двете страни да најдат решение и ги поздравуваме сите напори што  се направени во таа насока, рече Даниелсон, потсетувајќи на декемвриската одлука на Европскиот совет.  

Тој пред студентите и медиумите истакна дека дијалогот на високо ниво не може да ги замени преговорите за влез во Унијата.

- Тоа се два различни процеса. Но, дијалогот на високо ниво е важен за ситуацијата во која се наоѓа земјата денес бидејќи дава можност таа да се фокусира на прашања важни за процесот на интеграција односно транзиција, вели Даниелсон. Напредок, посочува, има, ако гледаме наназад во однос на настаните од 24 декември, но има уште прашања на кои што треба да се работи. Како пример во контекст на дијалогот на високо ниво исто така посочи и на рефорските процеси во делот на владеењето на правото.    

Тој истакна дека во Македонија има значаен прогрес во повеќе области.

-Јасно е дека има прашања на кои треба да се работи особено во делот на владеењето на правото, функционирањето и ефикасноста на судството, медиумите и слободата на изразувањето, јавната администрација, како и корупцијата и борбата против организираниот криминал, рече Даниелсон. 

Тој потенцираше дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува Македонија, овозможувајќи блиски контакти и дискусии со сите засегнати во земјата. Според Даниелсон, брзината со која ќе напредува земјата зависи од она што ќе го постигне.

Даниелсон од вчера престојува во Македонија. Синоќа оствари средба со претседателот на Владата Никола Груевски, а денеска имаше средба и со претседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев и со претставници на други партии и организации. 

07.02.2014 - 14:18
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега