„Катимерини“: Грција не е виновна - европските моќници рекоа “НЕ“ за проширувањето на ЕУ
Eвропските партнери на Грција се оние кои не сакаат проширувањето да биде меѓу приоритетите во првите шест месеци од годинава, пишува грчкиот провладин весник „Катимерини“ коментирајќи ја евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.
- Венизелос со молскавична брзина ќе отпатува во земјите од Западен Балкан во име на грчкото претседателство со ЕУ. Тој брза да го убеди (Западниот) Балкан, дека и покрај економската криза изгледите за проширување се уште се живи, иако ова прашање не е меѓу приоритетите на грчкото претседателство, пишува „Катимерини“, пренесува.
Според весникот, аргументот на Венизелос е дека прашањето за интеграција на Западен Балкан веќе беше одлучено на самитот во Солун 2003 година, и затоа „таа вода веќе тече“.
- Вистината е дека Атина сакаше тоа да го вклучи на дневен ред, како ’Солун 2014’ со цел на тој начин да даде импулс во напорите кои беа преземени во 2003 година. Но, тоа не се оствари поради нашите моќни партнери и нивните ’сателити’“, тврди „Катимерини“, пренесува МИА.
Како што јавува МИА, весникот коментира дека европските партнери не го сакале ова прашање „на патот кон евроизборите во мај, со оглед на тоа што евроскептицизмот е на ’црвено’ во повеќе европски земји, и затоа тие не сакале во време на криза да ги уверуваат своите избирачи дека Албанија, Босна и Македонија треба да влезат во ЕУ“. И овие нивни намери ги искажале на самитот во декември.
- Тоа не значи дека клучот за ’рајот’ на нашите северни соседи фати рѓа и се очекува Венизелос тоа да им го нагласи на неговите соговорници, пишува Катимерини.
„Катимерини“ потоа со по една реченица се осврна посебно и на Албанија и на Македонија, и уште еднаш ја искористи шансата да го обвини македонскиот премиер Никола Груевски за „диктатура и оти се крие зад конфликтот со Грција околу името“.
Застапувајќи владини ставови, „Катимерини“, заклучува дека „стратегијата на ЕУ за постепена интеграција на Албанија и државите што настанаа по распадот на Југославија, со цел да се елиминираат националистички ривалства и луѓето да живеат без да мразат без граници, не е откажана“.
- Вратите остануваат отворени за сите. Тие, сепак, пред се треба да ги исполнат неопходните критериуми. Не постои друг начин“, заклучува Катимерини, најавувајќи дека Венизелос при посетата на земјите од регионот нема да каже ништо ново.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа