Бесими оствари средба со генералниот директор за проширување на ЕК Даниелсон
Фатмир Бесими или заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања денеска оствари средба со новиот директор на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, Кристиан Даниелсон.
На средбата се разговарало за нивото на реализација на реформите предвидени според Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), искористеноста на ИПА фондовите 2007-2013, воспоставувањето на ИПА 2 и идните чекори кои треба да се превземаат во однос на исполнување на приоритетите од европската интеграција, како и за целокупната координација на искористувањето на ИПА фондовите и за начините за нивно подобро искористување. Вицепремиерот Бесими ја потенцирал клучната улога што ја има Пристапниот дијалог на високо ниво во спроведувањето на реформите и побарал тој да продолжи и во наредниот период, со цел да се задржи моментумот на реформскиот процес.
Тој додал дека продолжуваат напорите за унапредување на добрососедските односи со Грција и Бугарија околу решавањето на отворените прашања.
- Консензуалното донесување на измените на Изборниот законик, донесувањето на реформските закони во делот на државната и јавната администрација, како и усогласувањето на законодавната рамка за медиуми согласно барањата на Здружението за новинари на Македонија, се исто така значаен дел од реформите, вели Бесими.
Тој додаде дека работните групи на Собранието на Република Македонија активно работат на имплементација на реформите кои се предвидени според Пристапниот дијалог.
Директорот на Генералниот директорат за проширување на ЕК, Даниелсон го поздравил остварениот напредок во исполнувањето на приоритетите за европска интеграција односно постигнатиот консензус на политичките партии за донесените измени на Изборниот законик, како и унапредувањето на дијалогот со новинарите со донесувањето на измените во Законот за медиуми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа