Ристовски: Во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ нема паднат покрив
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, денеска по доделувањето на наградите на десетте најдобри научници за минатата година, изјави дека во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ немало паднат покрив.
- Воопшто не станува збор за паднат покрив, туку за делумно пропаѓање на дел од таванот како резултат на активност на еден работник кој бил таму за да изврши токму санација на објектот. Се работи за интервенција од општината заради тоа што во тоа училиште навистина е неопходно да се изврши комплетна реконструкција и санација. Министерството за образование и наука пред два дена го заврши делот од тендерската постапка за целосна реконструкција и санација на тоа училиште, изјави министерот.
Ристоски потенцираше дека за две недели треба да заврши електронската аукција и периодот за жалба за веднаш потоа изведувачот да изврши комплетна реконструкција на училиштето.
- И ние, како ресорно министерство, детектиравме дека реконструкција е неопходна. Апелирам да не се злоупотребува и политизира состојбата во тоа училиште за постигнување други цели. Таму децата ќе добијат современ, реконструиран објект, додаде министерот за образование и наука.
За реконструкцијата се издвоени 16 милиони денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа