Венизелос: Спорот со името не е билатерален туку меѓународен проблем
„Проблемот со името не е билатерелен, туку меѓународен проблем“. Ова е реакцијата на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, на забелешката која европратениците ја дадоа на синоќешната пленарна сесија во Стразбур, дека евроинтеграцијата на Македонија е попречена од билатерален проблем меѓу Скопје и Атина во однос на името.
-Проблемот со името не е билатерален проблем, тој е меѓународен проблем. Дијалогот, преговорите, услугите на посредник Нимиц се втемелени врз две резолуции на ООН и на фундаменталниот принцип на европските придобивки, на европското право, односно на принципот на почитување на резолуциите на ООН, рече Венизелос.
Според грчкиот министер, спорот за името не е она што ја кочи евроинтеграцијата на Македонија.
-Проблемот е реализијата и почитувањето на општите критериуми кои треба да ги почитуваат сите земји кандидати и тоа што важи за сите земји кандидати, важи и за ПЈРМ, истакна Венизелос.
Грчкиот министер смета дека зад спорот со името се кријат други проблеми:
-Почитувањето на меѓународното право, регионалната стабилност, иредентизмот – кој го кажува или го крие своето име, како и добрососедските односи, рече Венизелос.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа