Грипот зема замав и во Крива Паланка
Подрачната единица на Центарот за јавно здравје Крива Паланка, во првите пет недели од годинава евидентирала 22 случаи на заболени од грип.
- Пациентите се од двете општини кои ги опфаќа Подрачната единица на Центарот за јавно здравје, Ранковце и Крива Паланка, а најопфатена е возрасната популација, хронично болните и бремените жени, изјави доктор Елена Крстевска.
Во споредба со истиот период лани, кога беа регистрирани само 10 случаи на заболени од грип, оваа година бројката на заболени е зголемена за над 100 проценти.
- Во средината на октомври минатата година, пред почетокот на сезоната на грип, во Центарот беа вакцинирани 150 лица, рече Крстевска. Таа потенцираше дека по вакцинацијата неопходен е процесот антигените да го стимулираат имунолошкиот систем да даде имун одговор.
Матичните лекари се должни да го пријават секој случај на пациент заболен од грип до Центарот за јавно здравје. Оваа обврска важи од првата до 20-тата недела во годината бидејќи во тој период најмногу се појавува.
На територијата на Крива Паланка и Ранковце во 2013 година беа регистрирани 30 лица заболени од грип.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа