Им заѕвонил на врата и ги застрелал - детали за хоророт во Крива Паланка
Маскиран и вооружен разбојник синоќа ладнокрвно застрелал двајца сопружници, отккао прво им заѕвонел на вратата од нивниот дом. Како што јавува Дневник, синоќа во Крива Паланка 49-годишната Снеже Крстевска и нејзиниот сопруг, 54-годишниот Слободан Крстевски, преживеале вистински хорор откако некој им заѕвонил на врата.
Кога жената ја отворила вратата, разбојникот кој стоел пред неа започнал да пука, па така таа била ранета во пределот на стомакот, додека нејзиниот сопруг засега непознатиот сторител го ранил во градниот кош. Двајцата биле веднаш пренесени во болница.
- По укажаната помош, поради сериозноста на повредите, двајцата сопружници веднаш се префрлени во Ургентниот центар во Скопје, каде што врз жената е извршена хируршка интервенција, а мажот е задржан на опсервација - истакнува хирургот д-р Грозде Спасовски, раководител на Службата за итна медицинска помош , за Дневник.
Како што велат соседите кои биле сведоци на настанот, насилникот заѕвонил на врата, откако жената отворила ја турнал внатре, држејќи и пиштол на грбот, а откако таа панично почнала да вика по сопругот, тој го застрелал, а потоа ја застрелал и неа по што избегал од местото на настанот.
- Се` беше мирно, кога одеднаш слушнавме истрели. Мислевме дека се петарди, па излеговме на балконот и ги слушнавме соседите како викаат дека биле нападнати и повикуваа да им помогнеме. Веднаш се собраа десетина соседи, ги изнесоа и со сопствени возила ги пренесоа во Здравствениот дом. Напаѓачот никој не го видел, а и ние бевме во страв да не се крие некаде во куќата, вели за Дневник еден од соседите.
Според соседите се работи за мирно семејство и затоа никој не може да верува што се случило. Соседите се сигурни дека насилникот сакал да го ограби семејството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа