НАТО и спорот со Грција теми на средбите на молитвениот појадок

 

Македонските претставници утринава, во хотелот Хилтон во Вашингтон ќе учествуваат на традиционалниот молитвен појадок во САД, заедно со претседателот Барак Обама и илјадници учесници од целиот свет.

Појадокот кој всушност претставува неколкудневна серија настани, веќе им овозможи на македонските претставници да ги остварат првите средби.

- Македонската собраниска делегација имаше повеќе средби со конгресмени и сенатори, и од Демократската и од Републиканската партија, каде што ги пренесовме македонските позиции и ги артикулиравме македонските аргументи за членство во НАТО и во Европската Унија. Можам да кажам дека имавме навистина добри средби со конгресмените Џенис Хан, Роберт Андерхолт, Френк Волф, Рендал Хултгран, со поранешниот конгресмен Тони Хол, со сенаторот Марко Рубио. Се работи за плодна посета на САД. Нашите соговорници најмногу ги интересираат прашањата поврзани со Југоисточна Европа, и во делот со Македонија, нашето членство во НАТО и спорот кој ни е наметнат од Република Грција, изјави пратеникот Владимир Ѓорчев.

Пратеникот Андреј Петров од СДСМ вели дека средбите ги искористиле за заеднички да демонстрираат дека кога се работи за стратегискиот интерес на државата, може да се биде заедно и да се стреми кон исти цели. Според него тука нема никакви разлики меѓу политичките партии.

- Мојот впечаток е дека сите, особено Американците, посакуваат Македонија да биде членка на НАТО пред се, што е можно побрзо. Тука отворено зборуваме за проблемот кој постои, но она што ние го бараме од нив е САД да ја продолжат онаа мисија која ја започнаа со признавањето на Македонија под уставното име, односно да помогнат државата да стане членка на НАТО, бидејќи тоа има не само безбдносна туку и економска димензија, вели Петров.

Во делегацијата предводена од поранешната прва дама, се и потпретседателката на Собранието Сузана Салиу, пратеничката Силвана Бонева и поранешниот претседател на Владата Владо Бучковски.

- Имаме можност да се сретнеме со доста влијателни луѓе во меѓународната политика на кои реално се претставуваат состојбите во Република Македонија, како што е мултиетничкиот и мултикултурниот карактер кој е идентитет на Република Македонија. Пораките се ние политичарите да бидеме повнимателни какви пораки се испраќаат во јавноста, и дека различностите треба да ги зближуваат младите, изјави Салиу.

Бонева истакна дека средбите во Конгресот ги користат да се добие поддршка за надминување на грчките пречки за приемот на Македонија во НАТО.

- Баравме поддршка за Република Макеоднија, за нашето членство во НАТО и баравме признавање на одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, да биде промовирана од нашите пријатели, конгресмени, лобисти и со тоа да го помогнат нашето членство во НАТО и решавањето на спорот со Грција,
рече Бонева.

Претставниците на македонската делегација имаат средби и во Стејт департментот, во аналитичките центри во Вашингтон, како и со македонската дијаспора.

06.02.2014 - 08:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега