Солзи и плач во скопски Илинден: Баже беше прекрасен човек, сакаше ќеркичката да се вика Искра

 

По загинувањето на таткото во сообраќајната несреќа кај „Мавровка“, битката за живот ја загуби и неговото бебе. Женското новороденче починало по само два дена поради проблеми со дишењето, кои се јавиле како последица на одлепување на постелката и механичката траума на мајката. Смртта на бебето настапила во понеделникот попладне на Одделот за интензивна нега на Клиниката за гинекологија, истиот ден кога во населбата Илинден беше погребан таткото, пишува Утрински весник.  

Девојчето се роди во саботата навечер, кога нејзината мајка беше породена со царски рез по незгодата. Според неофицијални извори, бебето било предвремено родено, односно во 33. неделата или во 8. месец од бременоста на мајката, и било тешко 1,800 килограми. Поради ова, како и респираторните проблеми на бебето (или како велат лекарите, тежок белодробен дистрес) кои биле предизвикани поради оштетување на постелката и механичката траума на мајката, било сместено во инкубатор. Дали механичката траума на мајката, поради која дошло до одлепување на постелката и бебето да се напие од плодовата вода измешана со крв, била од сообраќајката или од некоја претходна случка никој не може со сигурност да каже. Посебно што мајката пред сообраќајката добила болки кои биле и причина да тргнат накај болница. Лекарските извори велат дека кај мајката дошло до пукање на ѕидот на матката што, најверојатно, и било причина за таа да добие предвремени болки и да се упати на клиника.

„Баже беше прекрасно момче. Сите сме во шок... Разберете не' како ни е. Никој не може да поверува дека се случи ова. Место сега да се радувавме на новородената ќерка, ќе го погребуваме таткото. А тој толку се радуваше и го очекуваше раѓањето на ова дете. Знаеше дека ќе има ќерка и на тоа беше многу горд. Мислам дека во една пригода беше кажано дека ќе се вика Искра. Штета, не дочека!“, раскажува низ солзи за Утрински еден од најблиските соседи на семејството Илиеви, пред да дознаат дека и бебето ја изгубило битката со животот. 

Целиот текст прочитајте го во електронското издание на Утрински весник

 

05.02.2014 - 21:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега