Заем од 36,4 милиони евра за развојни политики за конкурентност

 

Собранието денеска во рамки на 84. седница го донесе Законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој.

Заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини информира дека на Македонија ќе и биде доделен вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност од Светската банка во износ од 36,4 милиони евра.

- Со овој заем ќе се поддржат активности во четири клучни области: развој на производство со висока додадена вредност, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор,  подобрување на ефикасноста на услугите на трговската логистика и воспоставување флексибилност на пазарот на труд, развој на вештини и иновација, рече Џеладини и додаде дека целта на овој заем е да се обезбедат средства за буџетска поддршка. 

Во тек на расправата пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ  истакна „власта практикува да земе нов кредит пред избори“.

- Оваа држава ја задолжувате прекумерно и тоа го правите непотребно, кога треба да се одржат избори, рече Николов и додаде оти овие пари ќе се трошат само за избори и за кампања. Според него, власта е несериозна во трошењето на парите од кредитот, кои, како што рече, се за манипулирање и поткупување на гласачите во Македонија.

Во реплика, Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека СДСМ уште сега бара алиби бидејќи, како што рече, јасно ви е расположението кај граѓаните и знаете дека нема да поминете добро на изборите.

Во реплика на опозициските пратеници, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека податоците што ги користи Министерството за финансии за пресметка на номиналиот бруто домашен производ се истите податоци што ги користи и НБРМ.

- Порастот на БДП, според проекциите на НБРМ за 2013 година ќе изнесува 3,3 отсто во реален износ. Инфлацијата е земена од 2,8 до 3 проценти во номинален износ. Тоа се податоците што како Министерство за финансии ги користиме при изработакат на проекциите, рече Ставрески. Додаде дека постои податок бруто домашен производ дефлатор, што се користи за да се пресмета номиналниот од реалниот БДП.

05.02.2014 - 14:57
Фото: 
denesen

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега