Собранието ги изгласа измените - од 1.јуни се дигитализираат телевизиските сигнали

 

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 60.  седница  изгласа измени и дополнувања на Законот за радиодифузната дејност, по скратена постапка. Овие измени ги уредуваат состојбите во областа во пресрет на дигитализацијата на телевизиските сигнали што треба да почне на 1 јуни. Од тој датум комплетно ќе се исклучи аналогното телевизиско терестријално (земско) емитување, a постојните радиодифузери ќе треба да преминат да се емитуваат преку дигитален терестријален мултиплекс (ДВБ-Т), некодирано и слободно во просторот, преку електронска комуникациска мрежа (на пример кабелска мрежа) или преку сателит.

 Заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска пред пратениците појасни дека Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), преку јавен тендер го определи  „ОНЕ – Телекомуникациски услуги ДОО Скопје“  како оператор на ДВБ-Т електронска комуникациска мрежа кој ќе има обврска  од 1 јуни да започне некодирано и слободно во просторот дигитално да ги емитува терестријалните телевизии од Република Македонија. 

 Со оглед дека постојните терестријални телевизии од Советот за радиодифузија имаат добиено дозволи за вршење радиодифузна дејност само за самостојно и аналогно телевизиско емитување, за да може ОНЕ од јуни да започне дигитално да ги емитува,  СРД ќе треба претходно да направи соодветни измени во нивните дозволи (дигитален начин на емитување преку оператор на ДВБ-Т мрежа т.е ОНЕ). Тоа  значи дека постојните терестријални национални и регионални телевизии ќе треба во одреден рок до Советот за радиодифузија да достават барање за измена на своите дозволи, а Советот ќе треба да ја изврши без какви било одлагања или неосновани условувања. По извршената измена во дозволите, телевизиите треба согласно Законот за електронските комуникации со ОНЕ да склучат договор за дигитално емитување.  Надзорот над спроведување на обврските од договорот, односно почитувањата на правата, обврските, цените, параметрите за квалитет на емитувањето итн.  ќе го врши  Агенцијата за електронски комуникации согласно своите законски надлежности.  

 Локалните телевизии кои ќе преминат од локално  во регионално ниво на дигитално емитување ќе треба да направат измена во постојната дозвола во начинот на емитување и да исполнат и одредени минимални, технички, просторни, финансиски и кадровски услови утврдени во подзаконски акт усвоен од страна на Советот за радиодифузија. 

 Во текот на расправата, пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија оцени дека со предложените одредби од Законот  се дозволува  „државно спонозориран монопол на приватен оператор“, а не се користат ресурсите на Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“ (МРД). 

 - Се сака да се озакони монопол на приватен оператор, рече Величковски, обвинувајќи дека МРД своите капацитети ги користи само за пренесување на сигналите на националниот сервис, иако има многу повеќе капацитети. За МРД, посочи, се одвојуваат дел од парите од радиодифузната такса, а функцијата на ова тело е и да влијае на снижувањето на цената на операторите. Во оваа ситуација наместо намалување на цената на операторите имате еден оператор, наведе Величковски и оцени дека „скапите услуги на приватниот оператор ќе го намалат бројот на национални и регионални телевизии“.   

 Пратеникот Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ појасни дека дигиталниот оператор ОНЕ што ќе ја изврши дигитализацијата на приватните телевизиски станици е избран согласно предвидените законски процедури.  

 - Законот во ниту еден случај не е спорен, сите технологии се менуваат, а Македонија е лидер во развојот на информатичкото општество  во регионот. Во однос на трошоците, не е точно дека во земјите каде што настапила дигитализацијата се намалил бројот на телевизиите, рече Саздов, посочувајќи и  дека операторот веќе ја намали цената за надоместот што ќе ја плаќаат приватните телевизии на национално ниво за 36 проценти.

 Поддршка на законот изнесе и пратеникот од ДУИ Неџати Јакупи. - Станува збор за голема реформа. Како и секоја новина и овој процес бара трпение и одговорност за елиминирање на тешкотиите кои се појавуваат. Дигитализацијата е значајна и за заштитата на животната средина, рече Јакупи. 

 

На продолжението на 62 седница Собранието, без расправа, ги изгласа и измените и дополнувањата на законот за третман на бесправно изградени објекти. Со нив, меѓу другото, се предвидува за тераси на објекти со намена домување во станбени згради и за тераси на објекти со намена домување во станбени згради кои се пренаменети во станбен простор да се пресметува надоместок во висина од 61 денар по метар квадратен. 

 

Со законските измени се врши и усогласување со новиот Закон за катастар на недвижности и се предвидува сите видови линиски инфраструктурни објекти и електронски комуникациски мрежи и средства за кои е донесено решение за утврдување правен статус да се запишат во јавната книга за правата на недвижности. Се предвидува и дел од приходот од надоместот за легализација на објекти на општините во Градот Скопје,  да се распределува во сооднос 60 проценти за Градот Скопје и 40 проценти за општината во Скопје на чие подрачје е изграден бесправниот објект. Градот Скопје има обврска да ги користи овие средства наменски за донесување планска документација со која се врши вклопување на бесправните објекти и за инфраструктурно уредување на просторот за потребите на овие објекти. Со гласањето на измените на двата закона Собранието го исцрпе дневниот ред на 60. седница.

најчитано сега