Нема вести на македонски на сајтот на Општина Тетово - се уште се преведуваат

 

Еден конкурс од 30. јануари и оглас од септември 2013 се најновите информации на македонски јазик што се објавени на официјалната веб-страница на општината Тетово, објавува Нова Македонија.

Додека македонската верзија е без новости, на страницата на албански јазик редовно се објавуваат информации, пред сѐ за активностите и за средбите на градоначалничката Теута Арифи. Нова Македонија уште во 2013 година пишуваше дека официјалната веб-страница, која беше редизајнирана по промената на власта, не содржи информации на македонски јазик, а сите содржини се објавуваат само на албански јазик. 

Од Општината тогаш тврдеа дека веб-страницата е во изработка и дека потоа ќе се објавуваат информации и на македонски јазик. Но, осум месеци подоцна, објавите на македонски јазик се уште се ретки. 

Од општинската администрација немаат одговор на прашањето зошто не објавуваат редовно информации на македонски јазик. Оттаму најавуваат дека наскоро ќе имале нова веб-страница на која ќе има информации и на официјалниот државен јазик. 

- Во тек е подготовка на нова веб-страница. И таа веб-страница ќе биде пуштена на албански нормално, на македонски и на англиски јазик. Очекуваме веб-страницата да биде готова до крајот на другата недела или почетокот на наредната. Собиравме нови податоци и тие се преведуваат на англиски и на македонски, вели за Нова Македонија, портпаролот на Општина Тетово, Љуме Хусеини.                      

04.02.2014 - 11:59
Фото: 
Нова Македонија

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега