Истрагата заврши: Од што се запали манастирот Трескавец?
Заврши истражната постапка за огнената стихија која пред точно една година го пеплоса манастирот „Успение на Пресвета Богородица“-Трескавец. Веќе од денеска случајот е во надлежност на Основното јавно обвинителство.
Во Судот го чекаа дополнителното вештачење за причините за катастрофалниот пожар што истражниот судија го побара од одделот за крим техника при МВР.
Портпаролот на Судот во Прилеп, Жарко Велески вели дека дополнителното трето и последно вештачење ги потврди првите две дека пожарот избувнал во гостинската соба број шест од искри од огништето, односно ќумбето во просторијата.
- Се потврдија досегашните две вештачења и со последното од МВР се утврди дека пожарот избувнал на 4 февруари 2013 година во гостинската соба број шест. Со ова вештачење се дава појаснување дека имало наталожено одредени предмети и саѓи. Има необезбеден дел кој служел како долап и се создало нагло таложење од претходниот ден (вечерта на 3 февруари) и паѓање жар и искри. Бидејќи немало воздух, тлеело подолго време, се создало висока температура и по 18 до 20 часа откако заминале последните гости се случил пожарот, вели Велески.
Првите искри го зафатиле дрвениот ѕид од ламперија и пожарот се пренесол и ги зафатил конаците кои целосно изгореа. Велески објаснува дека сега на потег е Основното јавно обвинителство.
- Целосната документација е предадена во Основното обвинителство со кривичната пријава против непознат сторител за кривично дело предизвикување општа опасност. Обинителството треба да реши дали ќе ја отфрли кривичната пријава или ќе отвори обвинителен акт против н.н. лице, појасни Велески.
Од Обвинителството велат дека за 4-5 дена ќе се изјаснат за случајот.
Прилепскиот Завод и музеј изготви обемен проект за обнова на изгорените конаци за кој конечниот збор ќе го даде Националниот конзерваторски центар во Скопје. Беше вратен во музејот на доработка, а сите надежи се дека на пролет може да почнат работите за обновата на конаците.
Во акцијата за донирање и обнова на манастирските конаци се вклучија Владата и сите во државата. За рекордно брзо време е направен патот до манастирот во должина од седум и пол километри. Изградбата ја финансираше Министерството за транспорт и врски и патот беше пуштен во употреба на празникот на манастирот – Голема Богородица на 28 август 2013.
Изградбата на патот многу ќе ја олесни обновата на манастирскиот комплекс.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа