Пререгистрација во ФЗОМ треба да извршат 1.086 невработени од Крива Паланка

 

Oд кривопаланечката подрачна единица на Фондот за здравствено осигурување на Македонија апелираат невработените и лицата со ниски примања од подрачјето на двете општини, Крива Паланка и Ранковце, да не го чекаат крајниот рок на 31 март за да ја извршат пререгистрацијата.

- Во подрачната единица на Фондот во Крива Паланка досега се евидентирани вкупно 1.086 лица кои имаат здравствено осигурување на товар на државниот буџет, информираше раководителот на Подрачната единица на фондот, Митко Митовски. Тој потенцираше дека бројот на осигуреници од Крива Паланка заедно со членовите на нивните семејства  изнесува 3.400 и тие се носители на здравствено осигурување на товар на државата.

Митовски рече дека граѓаните се информирани и дека можат да се обратат на двата шалтери од Подрачната единица на Фондот секој работен ден во предвидениот период на работното време.

- Сите кривопаланчани кои првпат остваруваат вакво право потполнуваат само еден образец. Доколку не се менува основата на осигурување, а правата се остваруваат преку буџетот, задолжително е лично да потполнат изјава за своите примања во 2013, да ја приложат електронската здравствена картичка со документи за лична идентификација, информираше Митовски.

Тој истакна дека за полесно пререгистрирање сите кои досега не се регистрирани, покрај споменатите документи дополнително да достават и извод од матичната книга на родени  за децата, како и до книгата на венчани за брачниот партнер со копија од неговата лична карта.

Пререгистрацијата ќе продолжи и по 31 март, но со прекин на осигурувањето, поради што од Фондот упатија апел граѓаните навреме да ја завршат обврската. 

04.02.2014 - 10:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега