Македонската музика промовирана на 48. МИДЕМ во Франција
Maкедонската музика беше претставена на 48. МИДЕМ, најстар, најголем и најзначаен саем на музика во светот, кој се одржа во Кан, Франција, од 1 до 4 февруари.
- Македонскиот штанд го посетија неколку илјади гости и со себе понесоа примероци од луксузниот музички промотивен материјал специјално подготвен за оваа прилика, а домаќинот на македонскиот павилјон и носител на штандот, Иво Јанкоски, оствари и многубројни средби со водечките музички куќи од цел свет. За нашата музика годинава посебен интерес покажаа далечните земји, како Малезија, Тајван, Јапонија, Бразил... Македонската музика ја промовиравме со каталог во печатена форма, како и ДВД и ЦД во електронска форма, каде се претставени најзначајните извозни музички брендови во моментов, компании, фестивали и институции од македонската музичка сцена, информираат од продукцијата „Трето уво“.
Оваа година саемот го посетиле 6.500 гости од 3.000 водечки музички компании од 75 држави. Во рамки на саемот беа организирани 40-ина конференции и дебати посветени на развивање на системите за заштита на авторските права и новите стратегии во дигитална продажба и пласман на музиката на светско ниво, на кои учествуваа и претставниците на Македонија.
- Своите искуства ги презентираа многубројни експерти и директори на најголемите рекорд компании и инернет продавници, а специјални гости беа попопуларната британска поп ѕвезда Рита Ора и француската музичка легенда и актуелен претседател на здружението ЦИСАК, Жан Мишел Жар, информира „Трето уво“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа