ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ излажа - болницата во Струмица е реалност

 

Oд владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја оценија како груба лага информацијата која вчера ја пласираше СДСМ, дека реконструкцијата на болницата во Општина Струмица не е реалност. 

-Веќе е распишан тендер за доградба на карабината во струмичката болница која СДСМ во сите свои мандати не стави ниту една шајка. Значи имаме документ кој кажува дека процесот за изградба на карабината е отпочнат.Владата предводена на ВМРО-ДПМНЕ она што го ветила за разлика од сите лажни ветувања на Зоран Заев, ќе го исполни и цврсто стои до својот збор. СДСМ треба да се срами поради дезинформациите кои ги пушта, рече денеска претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Струмица, Зоран Пакетов.

Според Пакетов, постојат пет факти кои докажуваат дека СДСМ пласира дезинформации:

Прво, рече тој, Министерството за здравство распиша тендер за реконструкција на постојната зграда, во која што ќе се смести ургентен центар, гинекологија, оперативен блок и останати одделенија. За месец ипол, најави Пакетов, ќе биде готов основниот проек, а за три месеци ќе се отпочне со градба. Вкупна вредност на инвестицијата е 135 милиони денари.

 

Второ, истакна Пакетов, станува збор за објект од 6.000 метри квадратни, со приземје и 4 ката. Со ова се добива нова централна болничка зграда, во која ќе се преселат ургентниот центар и поголем дел од болничките одделенија. 

Објектот кој што ќе се реконструира, продолжи Пакетов, 30-тина години воопшто не бил ставен во функција (објектот првично бил почнат во 1987 год. кога биле поставени армирано-бетонски столбови и плочи, додека во 2002 година било стасано до карабина со кровна конструкција, надворешна столарија, фасада..) и од тогаш до денес, објектот е недовршен и не се користи.

-Со градежниот зафат комплетно ќе се решат проблемите со несоодветниот простор и ќе се испочитуваат сите современи медицински стандарди за лекување и работа на докторите и медицинскиот персонал, рече Пакетов, потсетувајќи дека претходно беше извршено реновирање на две операциони сали и изградба и комплетно опремување на нова-трета операциона сала во Општата болница во Струмица, со што, како што рече, се овозможи побрз проток на пациентите и нормално функционирање на болницата. 

-Почитувани, ова се фактите. СДСМ треба да се извини што при здрава свест го лаже народот. Не го потценувајте народот, рече Пакетов на денешната прес-конференција. 

 

03.02.2014 - 14:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега