Почнува реконструкцијата на Поликлиниката Букурешт во Скопје

 

Темелна реконструкција на Поликлиниката Букурешт во Скопје почнува денеска во рамки на владините инвестиции во здравството за изградба и реновирање на здравствените установи во државата. Во реконструкцијата на Поликлиниката ќе се инвестираат 24 милиони денари.

Станува збор за прва темелна реконструкција на таа здравствена установа која во јули ќе одбележи 50 години постоење. Пред две - три години во Поликлиниката беа сменети прозорците и се интервенираше во санитарните јазли и тоалетите.

Поликлиника Букурешт, која функционира во рамки на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје, претставува збир на најголем број специјалистички служби и располага со специјалистички амбуланти од сите области: интерна медицина, ортопедија, оддел за дерматовенерологија, невропсихијатрија, оддел за физикална медицина и рехабилитација, офталмологија, оториноларингологија и комплетна биохемиска лабораторија.

Во неа функционираат кабинети за дијабетес, за електроенцефалографија (ЕЕГ), за коронарен стрес тест (КСТ), аудиологија, контактни леќи, за рендген дијагностика (ехо на абдомен и уринарен тракт, ехо на дојки, мамомат, рендгенскопија на желудник и рендген на скелет), како и Служба по медицина на труд во која се издаваат лекарски уверенија за возачи, оружје, пловни возила. Во Службата за консултативно-специјалистичка здравствена заштита има 24 лекари-специјалисти (седум примариуси) од сите области.

Во рамки на Поликлиниката функционираат служби за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца и за детска превентивна стоматолошка здравствена заштита.

Во објектот  под концесија работат 10 матични лекари и тоа: двајца лекари по општа медицина, тројца специјалисти по гинекологија, тројца педијатри и двајца лекари по општа стоматологија. Исто така во рамки на објектот има и аптека под концесија која работи во две смени. Во Поликлиника Букурешт дневно доаѓаат околу 1.500 пациенти.

03.02.2014 - 08:56
Фото: 
А1Он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега