Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО
Министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери денеска оствари средба со амбасадорот на Република Хрватска во Република Македонија Златко Крамариќ. На средбата беше потврдена одличната соработка во областа на одбраната и безбедноста помеѓу двете земји.
На средбата министерот Џафери изрази задоволство од досегашното ниво на соработка на билатерално и регионално ниво со Хрватска, истовремено споменувајќи го заедничкото учество во мисијата ИСАФ, како еден од примерите и начините на кои треба да соработуваат земијите од регионот. Воедно, Џафери изрази и благодарност за континуираната поддршка од Хрватска за напорите на Република Македонија за интеграција во евроатлантските структури, НАТО и ЕУ.
Хрватскиот амбасадор, Крамариќ посочил дека поддршката за интегрирање на Република Македонија во НАТО и ЕУ, со несмален интензитет, ќе продолжи и во иднина.
Република Македонија и Република Хрватска својата соработка ја темелат на Спогодбата за билатерална соработка од 2000 година. Досега таа се реализирала на повеќе полиња меѓу кои и едукацијата и обуката на кадри, потоа соработката во рамки на Јадранската повелба и во рамки на регионалните иницијативи и центри.