Спасов го презентираше рангирањето на апликациите од процесот на вработување 300 лица со инвалидност

 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски, денеска го презентираа рангирањето на апликациите од процесот на вработување на 300 лица со инвалидност на неопределено време за 2014 година.

Спасов потенцира дека на огласот конкурирале 1.826 лица, од кои 1.069 невработени лица со инвалидност кои ги исполнувале критериумите и условите од конкурсот. Станува збор за лица со оштетен вид, слух,  со пречки во гласот, говорот и јазикот, со телесна инвалидност (тешка и потешка телесна инвалидност), со пречки во интелектуалниот развој (лесни и умерени пречки), со комбинирани пречки и инвалиди на трудот кои немаат засновано работен однос и кои поради степенот на инвалидност имаат специфични потреби во работењето и се работоспособни, врз основа на наод и мислење од надлежен стручен орган или Комисија за оценка на работната способност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, и додаде дека преку јавниот оглас ќе се вработат вкупно 300 лица со инвалидност: од кои (160)  работници со ниско образование, односно ниска квалификација, (100) лица со средно и вишо образование, (40) лица  со високо образование.

Во прелиминарната листа се опфатени 46 лица со оштетен вид (слабовидни и слепи), 40 лица со оштетен слух (наглуви и глуви), 2 лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, 60 лица со телесна инвалидност (тешка и потешка телесна инвалидност), 73 лица со пречки во интелектуалниот развој (лесни и умерени пречки), 32 лица со комбинирани пречки и 47 инвалиди на трудот. Бодувањето и рангирањето е правено максимално транспарентно, без учество на човечки фактор, електронски со посебен софтвер врз основа на податоците од апликациите.

- При изборот за вработување се водеше сметка за принципот за еднаква и правична застапеност на заедниците во Македонија, при што изборот се вршеше врз основа на  застапеноста на видот и степенот на инвалидност според бројот на поднесените барања на овој оглас. Во овој случај застапеноста на лицата со инвалидност е  во зависност од поднесените барања од кандидати со ист вид и степен на инвалидност, при што најголем број работни места добија лицата кои поднесоа најмногу барања од ист вид и степен на инвалидност, рече Спасов.

Спасов потенцира дека првпат во историјата на независна Македонија се дава ваква можност на лицата со инвалидитет и првпат се реализира програма за вработување со која го олеснуваме  пристапот до пазарот на трудот и решаваме едно од клучните прашања за нив, а тоа е животното прашање.

Директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски истакна дека од понеделник ќе почнат да ги дистрибуираат писмените известувања до сите апликанти со кои ќе ги информираат кој од нив е влезен на ранг листата.

- Сите оние кои ќе ги добијат известувањата ќе бидат информирани дека паралелно со нив ја има и одлуката од страна на Македонски шуми која е групна, што значи дека нема да се добива поединечна одлука за секој апликант, посочи Караџоски.           

01.02.2014 - 13:39
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега