Лани сме испиле апчиња за 35 милиони евра

 

Според анализите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), во Македонија се пијат се повеќе лекови на рецепт,пренесува Утрински весник.

Меѓу десетте лекови кои најмногу се користат се „Еналаприл“ – лек за крвен притисок, потоа „Пентоксифилин“ за подобра циркулација, па „Лизиноприл“, за крвен притисок, потоа „Дијазепам“, па „Метформин“ за регулирање на метаболизамот. Меѓу најкористените лекови се најдоа и „Диклофенак“ препарат против болка, „Ранитидин“ за желудник итн.

Иако не е комплетно завршена, анализата за употреба на лекови на рецепт во 2013 година покажува дека бројот на реализирани рецепти нема да биде помал од 18 милиони, што претворено во пари значи дадени околу 35 милиони евра за лекови на рецепт. Според шестмесечната анализа за 2013 година, за половина година во аптеките биле издадени лекови врз база на 8,5 милиони рецепти, што е за околу 5,5 отсто повеќе издадени рецепти отколку во првите шест месеци во 2012 година.

Анализите на Фондот и реализираните рецепти покажуваат дека и натаму најбарани се лековите за кардиоваскуларни заболувања, за срце и за крвни садови, па на оваа група на лекови отпаѓаат речиси половина од рецептите кои се издадени. По нив се лековите за централниот нервен систем, па на трето место се препаратите за дигестивниот систем и за метаболизам.

Драстично е намалена потрошувачката кај антибиотиците, на кои отпаѓаат околу 10 отсто од издадените рецепти.

30.01.2014 - 10:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега