Македонското собрание не ја поддржа Информацијата за јавниот долг

Македонското Собрание  во продолжението на 82. седница не ја поддржа Информацијата за висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Република Македонија, поднесена од пратеници од опозициските партии. 

Во текот на расправата опозициските пратеници обвинија дека надлежните институции не ги објавуваат податоците за јавниот долг. Владата, сметаат, вештачки го намалува точниот износ на јавниот долг и ги надминува таргетите за управување со долгот.  Целата политика ја темелела, како што рекоа, на земање кредити во функција на задржување на своите позиции, а не во интерес на граѓаните. Таквите тврдења за пратениците од владејачкото мнозинство се неиздржани зашто, нагласија, Владата не криела податоци и е транспарентна, а за резултатите во работењето има потврда од меѓународните финансиски институции. Според нив, сите информации за долгот се  проследуваат и до НБРМ и Еуростат, ММФ, Светската банка, ниту една не е пласирана погрешно и никој од нив не кажува дека долгот и стратегијата за јавен долг се променети во однос на утврденото.

Пратеникот Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите обвини дека задолжувањето е двојно поголемо од она што е вратено.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека  по основ на вратени долгови од 2007 година до 2013 година Владата вратила без камата само на главница 1,151 милијарда евра или, посочи, во овие неколку години се вратени 37 отсто од она што претставува вкупен долг наследуван со години.

- Најголем дел од овие долгови се од времето на СДСМ. Враќањето на долгот за Козјак е почнато од 2008 година наваму и до денар Козјак го има платено оваа Влада, истакна Димовски.

По гласањето по Информацијата за висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Република Македонија, поднесена од пратеници од опозициските партии, Собранието продолжи со работа по 80 седница на чиј дневен ред се Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт, како и по Годишна програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2014 година.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски рече дека за Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт, ќе се расправа откако матичното работно тело и Законодавно-правната комисија ќе го разгледаат.

Пратениците ја почнаа расправата по Годишна програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2014 година.

29.01.2014 - 18:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега