Млади навалете - PRV.mk ќе ви помогне при барањето работа

 

Пракса, работа и волонтирање PRV.mk е првата мобилна апликација наменета за млади, на која можат да се најдат информации за вработување, стекнување работно искуство, волонтирање, но и за активните мерки и обуки за вработување.

- Денеска промовиравме една алатка со која што на младите невработени лица ќе им се овозможи брз пристап информациите за слободните места на пазарот на трудот. Не случајно тргнавме од девизата „од информација до кариера“. Идејата е да им помогнеме на младите преку и со информација да започнат кариера. Токму затоа промовираме една многу интересна и комуникациска алатка, Андроид мобилна апликација директно поврзана со можностите за вработување, пракса и волонтирање кај младите лица, истакна денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој објасни дека апликацијата значи и надградба на веб сервисот на Агенцијата за вработување www.avrm.gov.mk, кој ги дава сите информации за сите отворени огласи за сите работни места, но и за активните мерки и политики за вработување.

- Сакаме младите да добијат навремена информација за сите можности кои ги имаат, за сите огласи, но и за активните мерки, за обуките. Да ги поттикнеме да не се откажуваат, да даваат се од себе, да аплицираат и да се борат да најдат работа, да ги градат своите капацитети... На таков начин верувам дека тие ќе ја започнат својата кариера и оти во тоа ќе им помогне и денешната алатка, рече Спасов.

Како што истакна постојаниот претставник на УНДП во Македонија Лиза Винтон, оваа алатка е важна не, како што рече, само поради клишеата дека на младите останува иднината, туку што голем дел од нив се невработени.

- Нашата идеа е не да им се донесат решенија на луѓето за да се вработат, туку да им се помогне сами да дојдат до решенијата, рече таа.

Апликацијата ја направиле студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство - ФИНКИ.

- Се надевам дека апликацијата ќе биде добра за сите. Таа треба да се инсталира, но има и веб страница. Можат да се најдат информаци за тоа во кои градови колку слободни работни места има, но и кои профили се бараат, рече деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

Според него, идејата за изготвување на мобилна апликација а не само веб страница е поради фактот што телефоните се постојано со нас и на таков начин може на секое место да се дојде до потребната информација.

29.01.2014 - 14:15
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега