СЕП договори соработка со шест државни и јавни универзитети

 

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска потпиша Меморандум за соработка со ректори и проректори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот на ЈИЕ, Државниот универзитет во Тетово и универзитетите „Св. Климент Охридски“, „Св. Апостол Павле“ и „Гоце Делчев“. Меморандумот предвидува Секретаријатот за европски прашања (СЕП), да оствари соработка со шесте државни и јавни универзитети во насока на поддршка на процесот на евроатланските интеграции.

Бесими по потпишувањето на документот истакна дека стратешката определба на земјата за членство во Европската унија е директен интерес на граѓаните на Македонија, а денешниот Меморандум е пример на волја и конкретни активности за соработка во однос на европската интеграција на државата.

- Ние универзитетите ги сметаме за значаен партнер во овој процес како од аспект на нивниот научен капацитет во однос на професорите и кадарот, така и во однос на студентите кои учат на овие универзитети кои ќе бидат идните европски граѓани на Македонија и ќе работат во европските институции, рече Бесими.

Ректорот на ДУТ Вулнет Амети го поздрави потпишувањето на Меморандумот, истакнувајќуи дека ова претставува формализирање на соработката на овие високообразовни институции во делот на евроинтеграциите на земјата.

Меморандумот опфаќа соработка во четири области и тоа соработка и изработување заеднички проекти за истражување, дебати и предавања и заедничко аплицирање на нивно финансирање во земјата и во странство, стажирање на студенти во Секретаријатот кои посетуваат образовни програми во доменот на евроинтеграциите, доделување стипендии за државни и јавни службеници, за магистерски студии од областа на ЕУ и евроинтеграцијата и отворање ЕУ-инфо катчиња на универзитетите.

Бесими информира дека од февруари првите студенти ќе почнат да стажираат во СЕП, а најави и одржување на јавна дебата зa придобивките од евроинтеграцијата по повод „Десет години од имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација“. 

29.01.2014 - 11:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега