Мисини: Јас сум од Македонија, нормално е така да ја викам мојата држава
- Kако претставник на мојата држава, логично е во мојот говор, не еднаш, туку повеќепати да го употребам зборот Македонија, изјави за „Дневник“ пратеникот Хајрула Мисини, кој учествуваше на Kонференцијата на комисиите за европски прашања во Атина.
На пат назад кон земјава Мисини за весникот телефонски објаснил дека во текот на неговиот говор домаќините ги налутило тоа што повеќепати рекол Република Македонија, но и пораките што во излагањето им ги испратил. Но министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос реагирал, по што Мисини си го довршил излагањето.
- Првиот пат кога реков Република Македонија, претседателот на грчката комисија се обиде да ме прекине повторувајќи неколку пати „благодарам, благодарам...“. Но, бидејќи моето излагање не беше завршено, јас реагирав и реков дека имам уште од обраќањето. Тогаш реагира и Венизелос, по што јас продолжив со мојот говор - објаснува Мисини.
Во текот на говорот, како што раскажува тој, нервоза се забележувала и кај преведувачите и кај другите присутни. Особено кога Мисини порачал оти „очекува токму Грција да биде нејзиниот поддржувач на патот кон ЕУ, дека Македонија ги исполнила Kопенхашките критериуми, како и дека Грција најдобро знае како е да се биде член на Унијата без да се исполнат критериумите“. Се разочарал од одговорот на домаќините дека проширувањето не е на приоритетите на грчкото претседателство со Унијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа