Пратениците ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за филмската дејност
Пратениците денеска во рамки на шестото продолжение на 82. седница го донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за филмската дејност по скратена постапка.
Согласно Законот за филмската дејност, Агенцијата за филм на Република Македонија, покрај со средства од Буџетот на РМ, се финансира и од други извори односно од надоместоци на телевизиски програмски сервиси на национално, регионално и локално ниво, кабелски оператори кои вршат реемитување на телевизиски програми, субјектите кои обезбедуваат интернет услуги, правни лица кои вршат дејност киноприкажување на филмови, правни лица кои вршат дејност дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови и правни лица кои вршат дејност приредување на игри на среќа и забавни игри.
Со измената на член 12 од Законот, надоместокот кој операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси на телевизиските радиодифузери (кабелски оператори) го плаќаат на Агенцијата по основ на вршење дејност реемитување на телевизиски програми од 2,5 отсто се намалува на 1 отсто, висината на надоместокот на правните лица кои обезбедуваат пристап до интернет од 2,5 отсто се намалува на 1 отсто, а надоместокот кој правните лица го плаќаат на Агенцијата за филм по основ на дистрибуција, изнајмување и продажба на филмови од 3 отсто се намалува на 2 отсто.
Според пратеничката Билјана Казанџиска од СДСМ, никој од оние кои се наведени и кои треба да одвојуваат од буџетот нема да се согласат да издвојат средства од приходите за финансирање на Агенцијата за филм.
- Законот нема да создаде услови за одржлив развој на филмската индустрија во Македонија ниту пак ќе гарантира автономност на трошењето на буџетските пари, а уште помалку ќе создаде слобода на филмските автори да создаваат квалитетни филмови, посочи Казанџиска и праша зошто Законот е во скратена постапка.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека Законот за филмската дејност не е нов и оти станува збор за измена на два члена.
- Собранието го донесе Законот во мај 2013 година и стапи во сила на 1 јануари. Филмската дејност е многу значајна индустрија во Македонија и за промоција на државата. Законот е усогласен со сите европски практики во уредувањето на клучните прашања за начинот, условите, постапката во финансирањето и вршењето на филмската дејност во Македонија, додаде Канческа Милевска.
Измените и дополнувањата на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности ги образложи заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска - Бошковски, која рече дека се предвидува кога примател на донација е здружение или фондација чија основна цел за нејзиното основање е дејност од јавен интерес, примателот на донација доколку не е во можност од кои било причини да склучи договор со давателот на донацијата, како договор ќе се смета уплатата на финансиски средства на трансакциската сметка на пПримателот на донацијата.
- Исто така се предвидува во ситуација кога средствата се прибираат преку теле - давања примателот на донацијата е должен да обезбеди потврда за примени средства преку телефонска сметка од телеоператорот на месечно ниво, доколку периодот во кој сметката за донации е отворена подолго од еден месец, додека за прибраните средства од организирани настани, организаторот е должен да ги уплати сите средства на трансакциската сметка на примателот на донацијата, истакна Бришкоска - Бошковски.
Во овие случаи примателот на донацијата за докажување и потврдување на јавниот интерес за примената донација, посочи таа, до Министерството за правда ќе треба да го приложат основачкиот акт на примателот, решението со кое се стекнале со статус на организација од јавен интерес за оние организации кои го стекнале тој статус согласно законот, тековна состојба на примателот издадена од Централниот регистар, извод од уплатените средства на посебната трансакциска средства на примателот на донацијата и писмена изјава заверена на нотар.
- Во делот на даночните поттикнувања согласно предложениот Закон се уредува и начинот и постапката за искористувањето на даночните поттикнувања. Во случај кога донира физичко лице одредбата се дополнува со можноста за остварување на даночно поттикнување од страна на физичкото лице давател на донацијата кое сега кон годишната даночна пријава ќе треба да достави и копија од договорот за донација, копија од решение кое е донесено од Министерството за правда со кое се потврдува јавниот интерес на дадената донација, писмена потврда за примената донација..., додаде Бришкоска - Бошковски.
Расправата по овие измени ќе продолжи по редовната пауза.
Пратениците денеска ќе расправаат и за предлог-законите за дополнување на Законот за земање и пресадување на делови на човечкото тело заради лекување, за изменување и дополнување на законите за лековите и медицинские помагала, за здравствената заштита, за вработување и работа на странци, за вработување и осигурување во случај на невработеност, за социјалната заштита, за агенциите за привремени вработувања, за јавните патишта, сите во прво читање.
На дневен ред се и измените на Законот за поштенските услуги, за измените и дополнувањата на Законот за градење, за измените на Законот за заштита на сведоци, поднесен од пратениците Павле Трајанов и Лилјана Поповска, трите во прво читање, како и по Информацијата за висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Република Македонија, поднесена од пратениците од опозицијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа