Груевски: Државната кардиохирургија ќе донесе развој и конкуренција во оваа сфера
Отворањето на Државната кардиохирургија ќе донесе развој на кардиохиругијата, ќе овозможи конкуренција, но и продуцирање нови стручни лица од државата, смета македонскиот премиер Никола Груевски.
Премиерот укажа дека одлуката за основање Државна кардиохирургија била направена по спроведената сериозна анализа дека има потреба од градба и нејзино отворање.
- Веќе се почнати активностите за набавка на опремата во вредност од 106 милиони денари, изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на новата водоводна мрежа и фекална канализација за населбата Ѓавато во Општина Богданци.
Според Груевски, во завршна фаза се преговорите со двајца врвни кардиохирурзи од Италија. Едниот од лекарите ќе биде посотјано во Македонија во наредните две години додека се обучат македонските лекари, а другиот ќе доаѓа неколкупати во годината зависно од договореното.
- Двајцата ќе бидат носители на обуката на нашите лекари и нормално и самите тие ќе извршуваат операции заедно со нашите лекари во првите две години. Исто така во комуникација сме и со Градската болница во Цирих со која што разговараме за можноста таа на некој начин да биде ментор на Државната кардиохирургија. Тоа подразбира постојано да има нивни тимови лекари, сестри, болничари и цел потребен персонал за кардиохируршки операции, кои би се менувале на неколку месеци и би обучуле што повеќе тимови во Македонија, изјави Груевски.
Премиерот најави и отворање на катедра по кардиохирургија на Медицинскиот факултет во Скопје.
- Најмалку десет студенти ќе се запишуваат секоја година на оваа катедра и на тој начин за неколку години ќе дојде до посериозен развој на кардиохирургијата во Македонија, појасни Груевски.
Премиерот посочи декаостануваат двете кардиохирургии со кои досега Фондот за здравствено осигурување има потпишано договори. Целта, според Груевски, е и тие да продолжат да се развиваат и да има една убава конкуренција што само ќе носи позитива. Од тој аспект сметам дека правиме еден добар чекор и воедно остварување на едно од нашите дадени ветувања во минатото, рече Груевски.
Тој потсети дека Владата ја донела одлуката за отворање на Државната кардиохирургија наспроти неостварените ветувања од страна на поранешните влади.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа