И Ставрески и Кузмановски задоволни - станот го доби скромно и чесно семејство

 

Среќата ќе си дојде тогаш кога е пишано и кога најмалку се верува и надева. За тоа најдобар доказ е тоа што главната награда - стан во Скопје во наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“ ја доби пензионерот Трајко Кузмановски од Куманово, со само едно испратено плико.

Oва го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешното доделување на клучевите од станот од наградната игра „Фискална во рака - награда без мака“.

- Чичко Трајко од Куманово и неговото семејство се најдобар пример дека среќата ќе си дојде тогаш кога е пишано. Во играта тој учествуваше со едно плико заедно со неговата сопруга, синовите и внуците и си ја доби наградата - вреден стан во централното градско подрачје на Скопје. Ова покажува дека секој што учествува во наградната игра „Фискална во рака награда без мака“ може да биде добитник на вредна награда. Мене  ми е посебно задоволство и среќа што гледам дека едно скромно и работничко семејство на човек што цел живот работел занает имаше среќа да го добие станот, истакна Ставрески.

Верувам, додаде тој, дека за арно за убаво ќе се користи, дека тука ќе бидат сместени дел од неговото семејство синовите или внуците, внуките кои ќе учат или студираат. Нему и на неговото семејство, рече Ставрески, му посакувам голема среќа во животот, бериќет и здравје.

Добитникот на станот Кузмановски, не ја криеше среќата поради добиената награда. Тој истакна дека никој во неговото семејство не верувал дека ќе добијат ваква награда. Благодарни сме, рече, што Владата организираше една ваква игра.

- Не се надевав, не верував дека би можело ние да го добиеме станот. Кога заѕвони телефонот мислев дека некој онака ме бара. Кога чув веќе и кога внуците дојдоа направивме една мала веселба. Сите се радуваме заедно, рече Кузмановски.

На сите граѓани им порача да играат во оваа наградна игра и никогаш во животот да не губат надеж дека среќата може да дојде.

- Со чесна работа и добрина среќата секогаш ќе дојде. По ова се гледа дека навистика ако е пишано среќата ќе си дојде, истакна тој.

Додаде дека станот ќе го користат неговите синови и внуци, кога ќе имаат потреба, оти, рече тој е во години кога за себе има доволно.

Вицепремиерот Ставрески истакна оти наградната игра продолжува во понеделник во 20 часот на Македонската телевизија, кога ќе биде извлекувањето за второто коло.

- Главната награда е автомобил, а ќе имаме уште 150 награди. Значи 150 граѓани ќе добијат ваучери во вредност од 1.000 до 60.000 денари коишто ќе можат да ги конвертираат во вредни награди односно телевизори, телефони, велосипеди, компјутери и други производи... Наградната игра продолжува и натаму. Оние што се уште не испратиле пликоа, треба да соберат 20 фискални сметки, да ги стават во плико и да ги испратат преку пошта или пак да ги остават на пунктовите коишто ќе бидат поставени на улицата „Македонија“ и во Трговскиот центар „Сити мол“, рече Ставрески.

На овој начин, додаде министерот, ќе се продолжи со добра практика  за создавање навика и култура дека добивањето фискална сметка е право и обврска и на граѓаните и на трговците, со што, како што рече, секој учествува во изградбата на сопствената држава, а има во истовреме можност да добие една од вредните награди. 

25.01.2014 - 13:19
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега