„Денешен“ смисли како да му се помогне на „Фокус“ за тужбата од Мијалков
Изминативе денови е актуелна судската одлука која предвидува главниот и одговорен уредник на „Фокус“ Јадранка Костова и новинарот Владо Апостоловски, да му платат 6.000 евра на првиот човек на УБК Сашо Мијалков за нарушување на неговата чест и углед. Порталот „Денешен“ денеска објави иницијатива како да му се помогне на „Фокус“ да ја плати оваа сума.
-Според пресудата, сумата од 6.000 евра која сега Фокус треба да ја исплати како обештетување е многу помала од сумата која во 2006 година сега починатиот Никола Младенов и „Фокус“ ја платија на тогашниот претседател Бранко Црвенковски и генералниот директор на Комерцијална банка, Хари Костов, за аферата “Швајцарски сметки”. Кога ќе се согледаат казните, може да се види дека казната која сега треба да ја плати „Фокус“ е минимална во споредба со парите кои Бранко Црвенковски и Хари Костов ги добиле, пишува Денешен.
Тогашните пишувања на“Фокус” дека Црвенковски има 210 илјади долари на сметка во швајцарската банка „Америкен експрес банк“, тогашниот претседател ги оцени како “целосна лага и груб фалсификат“ и го тужеше весникот. Во својата приватна тужба до Младенов, Црвенковски бараше 50.000 евра отштета, но, судот одлучи дека тој треба да плати 30.000 евра. Оваа казна се уште е највисока казна која му е досудена на новинар. Пари од „Фокус“ доби и Хари Костов, со што целосната казна изнесуваше над 50.000 евра.
-Токму поради ова, Денешен покренува иницијатива како да му се помогне на „Фокус“ од тужбата на Мијалков вредна 6.000 евра. Еден од начините е Бранко Црвенковски и Хари Костов да ги вратат 50-те илјади евра кои му ги зедоа на „Фокус“ во 2006 година, за неделникот да може да ја надомести глобата од 6.000 евра која како обештетување треба да му ја исплати на Мијалков, објавува порталот.
-Воедно, во интерес на неделникот и со цел да не згасне како што рече самата уредничка, ги повикуваме Јадранка Костова, Бранко Героски, Владимир Милчин и останатите квази борци за правата на новинарите и слободата на изразување, заедно да се состанат и да отидат кај Бранко Црвенковски и Хари Костов кои во 2006 година добија над 50.000 евра од „Фокус“, како би можело да му се помогне на неделникот од тужбата на Мијалков вредна 6.000 евра. Воедно, ќе им останат и голем дел од парите за нивно финансирање, со оглед на тоа што повеќе од 40 илјади евра ќе имаат вишок, заклучува Денешен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа