Сопругата на Глигоров инсистирала да се објави љубовната афера за него

 

Милан Банов, уредникот на неделникот „Денес“, кој во мај 1998 година објави дека претседателот Киро Глигоров имал љубовна афера, за Нова Македонија вели дека новинарите од весникот трпеле силен притисок поради објавената афера.

Според него, другите медиуми вршеле притисок да се затвори весникот „Денес“ и да им се суди на авторите кои го нарушиле угледот на претседателот Глигоров.

Банов вели дека весникот ги преживеал притисоците, особено поради фактот дека извор на информациите и иницијатор тие да се објават, била сопругата на претседателот, Нада Глигорова.

- Тоа се случи по атентатот и тој тогаш уживаше огромен углед во јавноста. Но тоа не нѐ спречи да ја објавиме аферата. Во исто време се одвиваше и скандалот со Бил Клинтон и Моника Левински, но таму никој не ги нападна новинарите што го објавија тоа, а против нас се кренаа сите. Но ние издржавме, особено што извор ни беше Нада Глигорова и тоа се објави на нејзино инсистирање, вели Банов за Нова Македонија.

Весникот „Денес“ во 1998 година пласираше информации дека Глигоров имал љубовна афера со неговата советничка за култура Катерина Коцевска. Банов тврди дека и покрај тоа што весникот се распродал во 100.000 примероци, тиражот не бил мотив.

- Нас нѐ интересираше пред сѐ тоа дека тој го прекршил Уставот со тоа што назначил советничка за култура, затоа што со седумте члена во Уставот што му се посветени на претседателот нема ингеренции во таа област. И на други медиуми им било понудено да објават, но одбиле, а ние прифативме. Знаевме со што се соочуваме и колку голема ќе биде аферата. Но иако ѝ посветивме 36 страници, две третини од весникот, никаде не го споменавме зборот „секс“. На крајот, сепак тоа беше главната дебата во јавноста, дали можел или не можел да има секс, поради возраста, додава Банов.

Банов вели дека морал да го исклучи својот телефон бидејќи се соочувал со постојани закани. Тој дури бил исплукан на улица, а со слични проблеми се соочувале и останатите новинари од „Денес“.

- Ништо ниту дотогаш ниту оттогаш не одекнало толку силно во јавноста. Успеавме да ги разбиеме табуата, митскиот статус за недопирливоста на врвните функционери и на нивниот приватен живот, кој не може да биде приватен штом стапиле на таква јавна функција. Со тоа се отвори простор за демократизација на медиумите, но, за жал, тие не продолжија по тој пат – продолжува Банов.

Аферата всушност не го урна угледот на Глигоров.Тој доби поддршка од голем дел од јавноста, освен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

 

24.01.2014 - 10:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега