Македонската асоцијација на рударство бара нов закон за минерални суровини
Македонија не располага со доволно металургиски капацитети за финализирање на минералните суровини особено не за доработка на злато како што предвидуваат законските измени, смета Македонската асоцијација на рударство (МАР).
Според МАР, наместо да се усвојат измените кои ги предлага Министерството за економија, а кои се однесуваат на преку 40 отсто од постојното законско решение, подобро е да се донесе сосема нов текст.
- Некои од измените практично не може да се реализираат, барем не во догледно време. Од стратегиски значење се, но времето ќе покаже колку се остварливи. Конкретно се предлага златото да и биде ставено на располагање на Народната банка како готов производ што ќе биде тешко изводливо бидејќи ниту еден од преработувачите на руди нема можност за негова доработка, изјави претседателот на МАР Николајчо Николов пред почетокот на денешната седница во Стопанската комора.
- Добро е да се тежи кон финализирање на производите, извоз и продажба, тоа е и наша желба, но не е секогаш изводливо зашто се потребни капацитети кои Македонија ги нема. Имајќи предвид, пак, колку суровини имаме, многу тешко ќе може да се направат економски оправдани објекти, нагласи Николов.
Топилницата во Велес е затворена и, оцени, веројатно никогаш нема да проработи. - Многу е скапо да се градат нови преработувачки капацитети зашто и постојните прилично тешко работат. Мала земја сме, без доволно ресурси и пристап до морски транспорт, додаде претседателот на МАР.
Став на Асоцијацијата, подвлече, е да се донесе закон кој ќе биде во полза на компаниите, но и на државата.
Министерството за економија ќе ги разгледа предлозите и барањата на МАР. Ќе се прифати само она што не е добро за државата.
- Ќе дискутираме, ќе ги слушнеме забелешките. Сметам дека ќе најдеме заеднички јазик, рече Ејуп Љатифи, раководител на Секторот за рударство во Министерството.
Законот за минерални суровини го подобрува доделувањето на концесиите за детални геолошки истражувања и експлоатација. Технички ги уредува утврдените недостатоци и генрално го подобрува текстот. Новина е што подземните води се враќаат во делот минерални суровини.
Како што информира Љатифи, ќе се изготвува и посебен закон за геотермалните ресурси кои досега беа дел од Законот за минерални суровини.
Бучим произведува 400 килограми злато годишно, но, според Николов, не е точно дека државните резерви се исполнети со злато произведено само од Бучим.
ФОТО: Сител