Кривична за убиецот на двајцата скопјани во Чаир - полицијата со детали за убиството
Поднесена е кривична пријава против 53 годишниот скопјанец Т.Ш. кој е осомничен дека вчера на улицата „Рифат Бурчевиќ“ во општина Чаир, ги убил Алаедин А. (57) и Мустафа А. (28), од Скопје.
Како што информираат од полицијата, на 18-ти овој месец, претходела вербална расправија меѓу сега починатиот Мустафа А. и Т.Ш., во која Т.Ш. му удрил шлаканица на Мустафа А. Вчера, околу 11 часот, Мустафа А. заедно со татко му, Алаедин А, дошле на ул. „Рифат Бурчевиќ“, пред куќата на Т.Ш. за да го разрешат недоразбирањето од претходниот ден. Прво почнале да викаат по Т.Ш., а потоа почнале да тропаат на портата. Кога пријавениот видел дека еден од нив е со лопата во рацете, од неговата соба зел револвер, кој го поседувал без дозвола, излегол пред портата и го застрелал Мустафа трипати во градите, а татко му еднаш во главата, по што се дал во бегство.
Инцидентот го пријавил полицаец кој живеел во близина и кој се обидел и да го спречи во бегството и по радиоврска објавил во која насока се движи. Набрзо, на улицата „Дижонска“, Т.Ш. бил забележан од полициски службеници на Единицата за брз одговор и интервенција „Алфа“, кои му пришле да го легитимираат. Иако се противел, скопјанецот бил совладан и приведен во полициска станица.Кај Т.Ш. биле пронајдени еден револвер „Магнум“, со пет чаури и еден неиспукан проектил, како и 2.300 евра и 16.000 денари.
Полицијата извршила увид на местото на инцидентот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа