Пензионерите и годинава бесплатно ќе уживаат на бања

 

Годинава повеќе од 5.500 пензионери ќе заминат на бесплатна бањско-климатска рекреација за што се издвоени 38 милиони денари од буџетот. За ова информираше министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

- Услугата на бањско климатска рекреација може да се користи еднаш во период од втората половина на март до  ноември 2014 година, во траење од 7 дена и опфаќа: 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, задолжителен здравствен преглед, трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација, рече Спасов.

Пензионерите коишто користат и паричен надоместза помош и нега од друго лице или додаток за мобилност и слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација, а трошоците за сместување и исхрана  ќе бидат на товар на Министерството за труд и социјална политика.

- Пензионерите  кои што ја искористиле оваа услугата во претходните години немаат право да ја користат услугата во 2014 година. На тој начин се остава можност услугата да ја користат останатите пензионери кои во претходните години не биле опфатени со овој проект, посочи Спасов.

Годинава пензионерите ќе уживаат  во Негорски бањи, Дебарски бањи, Катлановска бања и во  „Цар Самоил“.

18.01.2014 - 12:58
Фото: 
Академик.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега