Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа - православните верници утре го слават Водици

 

Годинава над 200 граѓани ќе се обидат да го фатат светиот крст што утре точно напладне во водите на реката Вардар во Скопје ќе го фрли архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан по повод Водици.

Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа и се верува дека тој што ќе го фати ќе го следи благослов и среќа цела година. Празникот се слави уште од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден.

Капачите треба да се на местото на настанот утре во 10 часот и со себе да ја носат потврдата што им е издадена од спортска медицина бидејќи во спротивно нема да им биде дозволено да учествуваат. Литургијата започнува во 9 часот, а поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе ги освети водите на Вардар. Инаку, пријавени се и голем број кандидати кои со години скокаат по крстот, како и едно девојче и малолетници.

Годинашен кум на манифестацијата е 26-годишната Ана Марија Вуковска, која за најсреќниот што ќе го фати крстот има подготвено пригодни подароци како плазма телевизор и икони од осветените места во Ерусалим. Таа најави дека во чест на кумството ќе учествува и во изградбата на црквата „Свети Серафим Саровски“ во близина на Бигорскиот манастир. Директен пренос од целата церемонија ќе вршат МТВ и Сител, со повеќе подвижни камери поставени на кранови. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат три тима за прва помош, спасувачи и чамец со спасувачи во вода. Од Црвениот крст препорачуваат капачите да носат соодветни обувки кои ќе ги заштитат од евентуални повреди, да не конзумираат голема количина на алхокол и да не влегуваат прерано во водите на Вардар со цел да се избегнат хипотермички удари од студ.

Инаку, крстови ќе бидат фрлени и во водите низ останатите градови во државата, а голема масовност се очекува и во Охрид каде манифестацијата ќе започне во 10 часот кај Градското пристаниште, а крстот ќе биде фрлен во водите на езерото околу 10:15 часот.

18.01.2014 - 10:24
Фото: 
Пулс24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега