Заеднички амбасади на Македонија и Црна Гора
Црна Гора и Македонија се заинтересирани за воспоставување заеднички дипломатски претставништва со земјите од регионот, вклучувајќи ја и Србија, но истакнуваат дека станува збор за споделување на трошоците и на просторот, но не и за заедничка дипломатија.
Како што овјавија денеска црногорскиот весник „Побједа“ и српскиот „Блиц“, Министерството за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора води разговори со државите од регионот за воспоставување заеднички дипломатски претставништва по примерот на „скандинавскиот модел“. Се посочува дека владите на Црна Гора и на Република Македониј на 27 септември минатата година потпишале билтерална спогодба за заедничко сместување на дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) во странство.
Врз основа на тој документ, Македонија на Црна Гора ќе и отстапи дел од просторот во своите амбасади во земјите каде што планира да отвори нови ДКП-а, а се предвидува и можноста за изнаоѓање заеднички простории во државите во кои ниту една од двете земји немаат, а планираат отворање ДКП-а.
Според „Побједа“ врз основа на поединечни протоколи ќе бидат прецизирани заедничките средства и услуги кои ќе се користат, а најмалку еднаш годишно претставниците на двете земји на состанок ќе вршат евалуација на заедничката работа.
- Ваквите аранжмани придонесуваат за економичност и ефикасност во работата на ДКП-а, овозможува побрзо ширење на дипломатската мрежа со видно помалку трошоци, а сместувањето на амбасадите на земјите од регионот на едно место го зајакнува визибилитетот на интересите и потенцијалот на секоја држава поединечно, но и регионалните можности, посочуваат од црногорското МНР.
Во македонското МНР, пак, пишува „Блиц“ потенцирале дека заедничкото користење на просторот за дипломатските претставништва најпрво би можело да почне со Црна Гора и оти Скопје и Подгорица веќе прегораваат за заеднички закуп на простор за амабасади во Романија, Скандинавија и Латинска Америка.
И во Македонија надлежните истакнуваат дека заедничкиот простор не значи и заедничка дипломатија.
Премиерот Никола Груевски веќе појасни дека зад идејата за заеднички простори во дипломатските објекти, нема никаква политичка заднина и се работи за чиста финансиска заштеда, а не за заедничка дипломатија.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски посочи дека веќе подолго време разговара со колегите од Србија, Турција, Словенија, Црна Гора и Хрватска околу реализацијата на идејата за заеднички простор во дипломатските објекти кои не се целосно искористени, објави „Блиц“.
Во словенечкото МНР за агенцијата „Бета“ изјавиле дека од Белград нема пристигнато официјална иницијатива за воспоставување заеднички дипломатски претставништва во „скандинавскиот модел“. Но, посочиле дека воспоставување заеднички амбасади со земјите од регионот би било тешко изводливо затоа што Словенија е членка на ЕУ, додека Србија и другите држави на Балканот што се заинтересирани се уште не се.
Иницијативата земјите од регионот да воспостават заеднички дипломатски претставништва по „скандинавскиот модел“ во земјите од Латинска Америка, Африка и Азија ја најави почетокот на јануари шефот на српската дипломатија Иван Мркиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа