ЕПЦ: ЕУ не сака да влијае на решавањето на спорот со името
Додека одлуката на Европскиот совет да почне преговори со ПЈР Македонија зависи од пробив во преговорите што се водат меѓу Атина и Скопје со посредство на Обединетите нации, Европската унија не сака да влијае на позициите на двете страни кон постигнување на долгоочекуван компромис. Ова е заклучокот од обемната анализа за проширувањето на Унијата со земјите од Балканот, а во однос на Република Македонија, што го објави Центарот за европска политика (ЕПЦ), пишува МИА.
Според анализата на Корина Стратулат, политички аналитичар во ЕПЦ и координатор на Балканскиот форум, активност на европската политика на ЕПЦ и институциската програма, проширувањето на ЕУ на Балканот дефинитивно оди во две групи, при што Македонија, поради грчките блокади, се наоѓа на втората и побавна лента наречена „оние кои застануваат”.
Црна Гора (поради преговорите кои се во полна фаза со ЕУ), Србија (која идната недела и официјално почнува со преговорите) и Албанија (која според најавите, годинава ќе стане земја-кандидат), аналитичарката Стратулат посочува дека се предводници и припадници на првата група од Балканот што е поблиску до ЕУ, додека Македонија, заедно со Босна и Херцеговина и Косово се во групата наречена „оние кои заостануваат”.
- Барањето на балканските земји за членство во ЕУ се обликува во две нивоа на процесот на проширување. Проблемот со овој тренд во случај на Балканот е дека, без оглед на брзината, правецот на движење не е ист меѓу „предводниците” и „оние кои заостануваат”. Додека првите изгледа се на патот кон евроинтеграцијата, вторите се претежно на курсот што има спротивна смисла и се оддалечуваат од ЕУ како „крајна дестинација”. Центрифугалната тенденција меѓу двете групи земји, како на пример најјасното назадување на Босна и Херцеговина и Македонија виз-а-ви другите балкански аспиранти, не се претвори во конструктивен конкурентен притисок меѓу двете групи. Напротив, тоа во голема мера го зајакна чувството кај земјите од второто ниво дека тие се „оставени во изолација”. Всушност, заемното поттикнување е прилично ограничено дури и во рамки на групата на „оние кои заостануваат”, се вели во анализата на угледната европска невладина организација.
Според анализата, состојбата на останатите балкански земји-аспиранти е значително помалку розова. Па, така аналитичарката Стратулат пишува дека „ставањето на ПЈР Македонија, која е земја кандидат од 2005 година, на опашката на група на балканските земји-аспиранти може да биде контра-интуитивно”.
- Но, Македонија е задржана назад поради нерешливиот спор за името со Грција. По петти пат по ред, Европската комисија лани оцени дека Македонија е подготвена да ги почне преговорите за пристапување. Досега, препораките на Комисијата постојано се игнорирани од страна на земјите-членки. За да продолжат да се оддржуваат дискусиите и реформите во Република Македонија, во март 2012 година, Комисијата воведе т.н. Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД) со земјата. Овој механизам овозможи Македонија да напредува во голем број на приоритетни политики, но надвор од формалните пристапни преговори, земјата беше сведок на појавата на длабоки поделби по партиска и етничка основа, како и значителен пад во слободата на медиумите, се наведува во анализата.
Во документот насловен „Проширувањето на ЕУ на Балканот - протресено, не загрозено”, за Македонија се заклучува: - Додека одлуката на Советот да почне преговори со ПЈР Македонија зависи од пробив во преговорите што се водат меѓу Атина и Скопје со посредство на Обединетите нации, ЕУ не сака да влијае на позициите на двете страни кон постигнување на долгоочекуван компромис - ќе наведе искусната аналитичарка Корина Стратулат.
Центарот за европска политика анализира дека пристапувањето на балканските земји кон Унијата ќе се одвива во две нивоа поради тоа што поединечни земји се соочуваат со карактеристични пречки што им оневозможува да соработуваат и да се споредуваат едни со други. Па, така се вели дека додека Црна Гора, Србија и Албанија се моментално во позиција да се фокусираат на конкретни задачи во однос на пристапувањете и да внимаваат едни на други во тој поглед, „полето за игра е премногу нерамно и земјите се преокупирани како на пример, Босна и Херцеговина (каде предизвикот е внатреше), Македонија (каде што проблем е ќор-сокакот со Грција) или Косово (земјата има најниска почетна точка во регионот)”.
- Без интер и интра стимуланси во групите, ЕУ не треба да дозволи семето на ова проширување на две нивоа да никне. За да се избегне сценарио во кое проектите на Унијата ќе даваат само „пасивна потпора” на „оние кои заостануваат”, бидејќи изгледите за членство се едноставно премногу далечни за нив, Комисијата треба да најде креативен начини за истовремено вклучување на сите балкански земји во работата поврзана со пристапувањето, без оглед на нивната фаза на интеграција со ЕУ, се потенцира во анализата.
Притоа, аналитичарката Стратулат препорачува ЕУ, посебно Велика Британија и Германија, да гледаат сериозно и со почит кон Балканот, со тоа што проширувањето на ЕУ треба „да зборува погласно кон луѓето во балканските земји”. Се потенцира дека ЕУ е во право да се грижи за добро владеење на Балканот, но дека потенцирањето на владеењето на правото само може да помине кога има недостаток на политички плурализам кај некои од „оние што заостануваат” и истиот би поминал незабележано и кога културата на градење консензус чини апстрактен концепт за многу од тие земји.
- ЕУ треба да инсистра на инклузивни демократски институции и процеси во регионот, но важно е ставање на балканските економии на здрави нозе. Новиот пристап на ЕУ кон економско управување и конкурентност во регионот се обидува да погледне кон иднината, со акцент на долгорочни политики и приоритетни сектори. Но, некои од точките на кои ЕУ треба да инсистира и понатаму вклучуваат индустриска модернизација на регионот, поголем напор за регионална економска интеграција (во смисла на инфраструктура, енергија, бизниси, студентски размени...), а целта е влевање на чувство на самостојност меѓу луѓето во балканските земји, порачува аналитичарката Стратулат.
Со заклучокот дека „успехот на Балканот е исто така успех на ЕУ”, на крајот од оваа обемна анализа на Центарот за европска политика се посочува дека „што побрзо земјите-членки ја искористат оваа меѓузависност, толку подобро за сите”.
- Оваа година ќе се одбележи десетгодишнината од „биг бенг” проширувањето и 25 години од падот на Берлинскиот ѕид, кој го отвори патот за европскиот проект. Унијата треба да го искористи овој добар момент за да се ослободи од својот стил на “блуз проширувањето” и да се врати на пишување на историјата - овој пат на Балканот, гласи финалниот заклучок за проширувањето на ЕУ на Балканот на ЕПЦ.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа