100 семејства добија пакети со запленета царинска стока
Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Крива Паланка денеска додели 100 пакети со запленета царинска стока на 100 семејства со социјален ризик од кривопаланечко и Ранковце.
Владата одлучи стоката запленета на граничните премини во Република Македонија да се донира на социјално ранливите категории граѓани. Досега до центрите за социјални работи во земјава се доставени поцеќе од 70 илјади парчиња разновидна стока, текстил, обувки, прибор и опрема за домаќинство.
Директорот на МЦСР од Крива Паланка, Олгица Ристовска, информираше дека откако семејствата поднеле барања, стручни тимови од Меѓуопштинскиот центар ги посетиле и извршиле увид, направени се записници со идентификациските податоци, бројот на членови во семејствата и неоподните информации за правилна распределба на потребната стока.
- Иако донациите не можат значително да го променат моментниот статус на семејствата корисници на помош, сепак ова е форма на ублажување на состојбата, рече Ристовска.
Акцијата за донирање запленета фалсификувана стока ја реализира Министерството за труд и социјална политика, Царинската управа и Агенцијата за управување со одземен имот, по направените измени на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост.
Заклучно со 10 јануари годинава се очекува околу 10.000 семејства од Македонија да добијат пакети со запленета стока.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа