Џејсон Мико: Името и идентитетот на Македонија се неменливи

 

Што може да очекува Македонија во 2014 година по однос на т.н. „спор со името“? Јас не очекувам големо поместување – од Грција или од меѓународната заедница – освен континуираните безлични изјави дека Македонија и Грција мора да дојдат до „заеднички прифатливо решение“ што не прави апсолутно ништо во практиката. Македонија, од своја страна, веќе направи низа обиди да ги покани нашите грчки пријатели на средба на заедничка маса каде што било и кога било, за да се дискутира за проблемот. Но тие понуди не стигнаа до грчките, и меѓународните уши, односно беа игнорирани. Еве дел од моите размислувања (без некој особен редослед) на оваа тема на почетокот од 2014 година.

Прва точка: Ако идејата за добивање членство во ЕУ и во НАТО е за да се постигне поголем просперитет и ако просперитетот се мери со зголемување на БДП, тогаш зошто е потребно да им се приклучите на овие групи кога БДП на Македонија се зголемува и без да биде членка на некоја од овие организации? Сфаќам дека ги поедноставувам работите, но поентата е дека не морате да бидете членка на ниту една од двете организации за да си го зголемите БДП. Се разбира, лидерите на двете организации и другите, особено некои лидери од невладините организации, ќе ви речат дека мора да бидете членка на двете организации за вашиот БДП да се зголеми (а за да станете членка мора да си ги смените името и идентитетот). А ова е ноторна лага.

Овие организации, а особено ЕУ, исто така ќе ви рече дека мора да се приклучите во нивниот мал клуб за многу повеќе од едноставен напредок. Мора да се приклучите за сите „прекрасни“ културни придобивки што тие ги нудат – зголемување на абортусот по желба, хомосексуални бракови и посвојување, да споменам само две. Тие сигурно нема да ве принудат да ги прифатите овие работи, но ќе извршат огромен притисок врз вас, особено ако сте во клубот.

Втора точка: Беше кажано дека амбасадорот Нимиц го предложил името „Горна Република Македонија“ со која ќе се модифицира формата на владата како република. Исто така беше објавен дека Грците побарале „Горна“ да биде ставено пред „Македонија“, со што се модифицира името, и идентитетот, на државата и на народот. Она на што никој не посвети внимание, колку што ми е мене познато, е примената на зборот „горна“. 

Неколку размисли: Ако има „горна“, мора да има и „долна“. Ако главниот грчки аргумент е дека „Македонија“ имплицира територијални претензии врз грчка Македонија, тогаш „Горна Македонија“ ќе имплицира територијални претензии и врз „Долна Македонија“. Истиот проблем се појавува кај секоја земја наречена „Северна Македонија“ и токму заради тоа секој модификатор мора да стои до формата на владата, а не до државата. Последната држава што беше наречена „горна“ беше „Горна Волта“ т.е. „Република Горна Волта“, држава во Западна Африка од 1960 до 1984 година, кога беше преименувана во Буркина Фасо („Волта“ се однесува на река). Со други зборови, „Горна Волта“ исчезна, а тоа веројатно го имаа Грците на ум кога се согласија со „Горна Македонија“.

Трета точка: морам да прибегнам кон основната универзитетска програма по психологија – ќе ја наречам Психологија 101 според американскиот систем на именување на универзитетските програми- во дискутирањето околу реакцијата на претставниците на ЕУ и НАТО кога јавно зборуваат за Македонија. Излишно е да се каже дека ако сакаш да изградиш кредибилитет кај некого – било да е тоа поединец или група луѓе - мораш прво да покажеш почит кон него/нив. Kога со другите луѓе имате однос „еден на еден“, обично помага ако ги нарекувате луѓето со нивното име. Ова е особено точно во индустријата за услуги – кога сте во ресторан и келнерот/келнерката носат плочка со името, повикајте ги со нивното име. Потврден факт е дека луѓето- насекаде низ светот и низ историјата – сакаат да си го слушнат името. Тоа е дел од човечката потреба да се биде потребен како што забележа во една пригода ќерката на Скопје, Мајка Тереза. Навистина не е прифатливо да му скракате на келнерот: Еј момче, кога е доволно да речете - еј Игор! Ако овој принцип е применлив во односите „еден на еден“, тогаш е и тоа како применлив кај групите луѓе и нациите.

Во овој контекст, ме стаписува кога Штефан Филе или Андерс Фог Расмунсен или некој друг лидер во ЕУ или во НАТО ќе каже „оваа држава“ или „вашата држава“ или што и да е друго освен Македонија. Kако очекуваат тие да го освојат македонскиот народ? Kако очекуваат тие да изградат сопствен кредибилитет кај македонскиот народ ако не можат да се натераат себеси да кажат „Македонија“ во јавност? Зарем не ги познаваат основите од „Психологија 101“? Ако овие т.н. лидери сакаат кредибилитет кај македонскиот народ, тогаш едноставно ќе мора да покажат малку пристојност и почит.

Се разбира, напорите за членство во ЕУ сега даваат некои економски придобивки како претпристапните фондови (ИПА), кои се од помош. Но лидерите на ЕУ – преку својата неспособност или свесно одбивање да изговорат „Македонија“ и „Македонци“ - не прават ништо за да му се смилат на македонскиот народ – поради што ова е по малку брак без љубов и радост. Да, тука има законска врска, но сите знаеме дека таа не води никаде и најверојатно ќе се прекине.

И конечно, како што низ годините многупати пишував, главната работа е Македонија да продолжи да работи напорно со фокусирање на владеењето на законот, разумната фискална политика и континуираното привлекување директни странски инвестиции како и на одржувањето силен морален компас во културната сфера. Ова е рецептот за успех на Македонија бидејќи името и идентитетот на Македонија се неменливи.

Џејсон МИКО за Дневник
Авторот е менаЏер за односи со Јавноста од Аризона (САД), и долгогодишен набљудуваЧ на состоЈбите во МакедониЈа и во ЈугоистоЧна Европа

09.01.2014 - 11:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега