ВМРО-ДПМНЕ од Струга: Градоначалникот Села да не дозволи надгласување по етничка или верска основа

Непобитен факт е дека правичната застапеност на Македонците во органите на Локалната самоуправа во Струга не е на нивото на Рамковниот договор на кого толку се повикуваат македонските Албанци, истакна на денешната прес-конференција претседателот на струшкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Перо Петкоски.

Тој повика на правична застапеност на Македонците во сите тела на Локалната самоуправа и побара од градоначалникот Зијадин Села да нема поделба на граѓаните по верска или етничка основа.

- Во Струга најголема и најсилна советничка група е коалицијата „Заедно за Струга“ која брои 11 советници и е составена од Македонци и Власи. Најсилниот политички субјект не смее да биде игнориран во Советот на Струга и во општината воопшто, особено затоа што тоа ќе значи дискриминација по етничка основа и ќе  биде во спротивност со Рамковниот договор. Не смее новиот градоначалник  Зијадин  Села да прави мајоризација, да дозволи да се случува надгласување по етничка или верска основа,што беше чест случај во претходниот состав на Советот на општина Струга, додаде Петкоски.

Како што нагласи, во Советот на општината, претседателот треба да биде од редовите на најголемата етничка заедница, македонската, затоа што, според него,  градоначалникот е од редовите на македонските Албанци.

- Не смее да има двојни аршини.Едни за на централно ниво каде Македонците го почитуваат Рамковниот договор, а други на локално ниво, каде македонските Албанци го изигруваат, рече Петкоски.

На денешната прес-конференција, од струшкиот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа странските амбасадори во Република Македонија да ја посетата Струга, додека се уште не е избран претседател на Општинскиот совет, и како што подвлече Петкоски, да ги пренесат нивните ставови и искуства во врска со компромисот и толеранцијата помеѓу луѓето. 

МИА