Македонец си “лапна“ 35.000 евра лажејќи познат италијански свештеник
24 годишниот македонски државјанин Реџеп Д. од италијанскиот град Тренто, си заработи кривична пријава, откако лажејќи локален свештеник си “лапнал“ 35.000 евра, пренесува Дневник.
Како што јавуваат италијанските медиуми, Македонецот успеал да измами еден од најпознатите свештеници во овој дел од Италија, Дон Фјоренцо Kијасера (73) кој му поверувал на Реџеп и му давал и свои, но и пари од локалната парохија.
-Измамникот од 2011 година до 2013 година во неколку наврати зел 35.000 евра од свештеникот. Реџеп живеел на имотот на друг свештеник заедно со својата мајка, која таму работела. Таму го запознал Kијасера, добродушен човек, но истовремено кревок и срамежлив. Отецот се сожалил на момчето, па почнал да му дава по 50 или 100 евра кога ќе се сретнеле. Тогаш нашинецот се полакомил и почнал да бара поголеми суми. Kога сфатил дека свештеникот не може да го одбие, Реџеп му побарал на Kијасера заем од 15.000 евра за да си купи куќа во Македонија, пишува Дневник.
Свештеникот му поверувал на Реџеп и му ги дал парите на неколку рати, прво 6.000, па уште трипати по 3.000 евра. По неколку месеци, свештеникот не видел никакви документи што се однесувале на купување на куќата, но, сепак продолжил да му верува на нашинецот, кој по некое време повторно побарал пари на заем. Сега Реџеп му побарал уште 12.000 евра што тврдел дека ќе ги искористи за да купи удел во фирма што водела ноќен бар во Тренто. Бидејќи свештеникот веќе ја испразнил својата сметка, сега земал парие од сметката на парохијата. По неколку месеци, итриот Македонец му рекол на Kијасера дека бизнис-партнерите со кои требало да го купат барот ги изгубиле парите. Кијасера продолжил да му верува на Реџеп, па дури и продолжил да му помага. Кога свештеникот ќе се мислел дали да му позајми пари, момчето му викало за да го заплаши. Кијасера продолжувал да му позајмува пари надевајќи се дека ќе го врати момчето на прав пат.
Реџеп последен пат му побарал пари на свештеникот за да плати некои сметки со кои планирал да купи фирма во Германија.
Измамата почнала да излегува на виделина, откако бискупот на парохијата утврдил дека паричните донации од верниците собрани во 2012 биле за половина помалку отколку во 2011 година, а забележал и дека Дон Kијасера бил во депресија и неволен за разговори. Бискупот успеал да ја извлече вистината од отецот и го пријавил измамникот во полиција.
Дон Kијасера сепак не сакал да поднесе тужба против нашинецот. Обвинителството сега тврди дека Реџеп ја злоупотребил добрината на отецот и од него изнудувал пари со закани и лаги.
- Мојата иницијатива е резултат само на мојата добрина и намера да им помогнам на луѓето во неволја, како и во духот на мандатот што го имам, рекол Дон Kијасера, објаснувајќи дека ги давал парите поради сопствената волја да му помогне на човек за кого верувал дека има економски проблеми. Тој вели дека му верувал на РЕџеп кога ветувал дека ќе ги врати долговите.
Адвокатот на Реџеп изјавил дека ќе чека да заврши истрагата за да докаже оти не станува збор за измама. ОДбраната тврди дека Македонецот зел само 8.000 евра на заем за куќата и дека е подготвен да врати 12.000 евра.
Повеќе детали на Дневник
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа