Малолетниците ќе одговараат кривично - за возачот на Брзата помош нема пријава
СВР Скопје по претходна консултација и координација со Јавното обвинителство, со кривична пријава до надлежното Основното јавно обвинителство ќе ги предаде лицата С.Р. (17), Ф.Л. (16) и В.Ј. (17), сите од Скопје, осомничени дека на 31. минатиот месец, нападнале возило и екипа на Итна медицинска помош, при што е извршено оштетување на возилото, а на возачот Д.Т. (54) му се нанесени тешки телесни повреди.
С.Р. е пријавен за извршено кривично дело „тешка телесна повреда“, додека Ф.Л. и В.Ј. кривично ќе одговараат за сторено „насилство“.
Имено, кривично-правниот настан се случил на 31. минатиот месец, околу 23,40 часот во скопска Кисела Вода, каде што на ул. „Марко Орешковиќ“ бр. 66, пријавените со поголема група врсници во изнајмена куќа ја прославувале Новата година. Незадоволни од услугата која ја добиле за прославата, соопшти денеска МВР,го нарушиле јавниот ред и мир со кршење чаши и шишиња, при што С.Р. си ја исекол дланката од раката. Двајцата малолетници под дејство на алкохол паднале во бесознание и со приватни возила биле однесени за укажување на лекарска помош. Во тие моменти наишло и возило со екипа на Итна медицинска помош, кои по пријава дека има некое лице во бесознание биле испратено да интервенираат на истата улица. Според кажувањето на првопријавениот, како и на сведоци на настанот, тој го сопрел возилото и побарал од медицинските лица да му укажат помош и откако му било кажано дека неможат да му укажат помош, тој со двајцата други пријавени, почнале со раце и нозе да удираат по возилото, при што В.Ј. и Ф.Л. искршиле два задни прозорци од возилото. Тогаш возачот на возилото на Итна медицинска помош Д.Т., излегол од возилото и почнала вербална расправија помеѓу нив, која прераснала во тепачка, во која Д.Т. го нападнал С.Р. со метална шипка, на што тој му возвратил, при што му нанел тешка телесна повреда, скршеница на десната подлактица и расекотина на главата а потоа фрлајќи ја металаната шипка во непосредна близина заедно со В.Ј. Ф.Л. се дале во бегство.
Д.Т. ја зел металната шипка со која бил нападнат и влегол во возилото, упатувајќи се кон Клиниката за трауматологија каде е хоспитализиран и му се констатирани тешки телесни повреди и е задржан на лекување. Д.Т., како и двете медицински лица кои биле со него, во пријавата како и во дадените изјави, го потврдуваат целиот настан, но негираат дека Д.Т. го нападнал С.Р.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа