Македонците се повеќе пазарат преку Интернет
Македонците се почесто купуваат производи преку Интернет, но постојат и такви кои сеуште се скептични околу овој начин на пазарување. Истражувањата покажуваат дека 60 проценти од населението во Македонија користи интернет, а само во текот на минатата година се извршени околу шест проценти трансакции преку интернет што е зголемување за петпати за разлика од 2010 година кога се регистрирани само еден процент онлајн трансакции.
Купувачите кои набавуваат производи преку Интернет велат дека позитивната работа е тоа што со ваквиот начин на набавка на производи се заштедува време, а од друга страна на веб сајтовите кои нудат купување преку интернет, има поголем избор на производи. Атрактивни за онлајн купувачите се и попустите кои се нудат.
Сепак, има и такви граѓани кои се уште гледаат со скептицизам кон ваквиот начин на купување и го преферираат конвенционалното купување во продавница. Овие потрошувачи сметаат дека купувањето преку интернет е небезбедно поради интернет измамите, а се сомневаат и во веродостојноста на производите што се нудат.
Надлежните апелираат да се купува од проверени веб страници, потрошувачите да ги прочитаат условите за користење, особено оние што се однесуваат на доставата на производот.
- Оние права коишто важат во конвенционалниот пазар, не важат и во онлајн пазарот. Имаме поинакви правила. Потрошувачите, односно најголем дел од нив, најчесто и не ги познаваат правилата на интернет купувањето. Но, она што им го препорачуваме е секогаш да внимаваат дали производителот е практично реален, односно дали постои или не. Никогаш кога ќе наидат во ситуација при плаќање на производ да им биде побаран пасворд од картичката, тоа да не го даваат. Тоа е веќе првиот сигнал дека нешто не е во ред со веб страницата, односно дека можеби се работи за лажна страница која ќе ги злоупотреби нивните податоци, а можно е да дојде и до одземање на паричните средства од картичката на потрошувачот, велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа