Без чекање на шалтери: Потврда за неосудуваност само со еден клик

 

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на денешната прес-конференција пред претставниците на медиумите, ги соопшти новите услуги од Основните судови, кои од сега за граѓаните се достапни на националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk.

– Денеска имам чест да означам заокружување на еден значаен чекор кон дигитализирањето на најважните услуги за граѓаните. На Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk – од денеска се достапни две нови, долго очекувани услуги од Основните судови, тоа се, Уверение од кривична евиденција за физички лица и Уверение од кривична евиденција за правни лица – изјави Андоновски.

Министерот дополни дека станува збор за најкористените тековни услуги од основните судови, кои заедно со комплетирањето на пакетот на судски потврди што секојдневно им се потребни на граѓаните и компаниите го сочинуваат пакетот за неосудуваност.

– Во овој пакет, веќе дигитализирани се и Потврдата од казнена евиденција и Потврдата за изречена забрана на вршење професија, дејност или должност,  станува збор за документи кои се често потребни во секојдневниот живот – за вработување, аплицирање за јавни повици, образовни постапки и многу други правни и административни процедури – рече тој.

Андоновски истакна дека намерата е граѓаните повеќе да не чекаат со часови пред судските шалтери и архиви. Во таа насока истакна дека целта на Министерството е едноставна, но ефикасна:

– Граѓаните да поминуваат повеќе време со своите семејства, со своите пријатели, и да придонесуваат кон економијата, а помалку пред административни шалтери.

26.04.2025 - 12:31

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега