Димитриеска-Кочоска: Во Вашингтон ја продолжуваме редовната комуникација со меѓународните финансиски инстиуции и инвеститори за она што го работиме
Состојбите во економијата, политиките што ги презема Владата и посветеноста во остварување на тие политики со цел остварување на планираниот економски раст и стабилизирање на инфлацијата се дел од пораките што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе ги пренесе на средбите во Вашингтон, кадешто учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
„Во Вашингтон ќе разговараме со меѓународните финансики институции и инвеститорите за состојбите во економијата. Важно е да одржуваме редовни состаноци, затоа што на почетокот на 2026 година очекуваме издавање еврообврзница од најмалку 700 милиони евра, затоа што доспева за враќање претходно издадена еврообврзница на износ од 700 милиони евра. И ваквата постојана комуникација со меѓународните институции е важна да покажеме дека работиме посветено што влијае на висината на каматата“, рече министерката во интервју за Македонската телевизија.
Таа додаде дека проекцијата за раст на економијата од 3,7% нема да се ревидира и истакна дека тоа се темели на она што се работи и дека тоа ќе биде презентирано и на состаноците со претставниците на ММФ и Светска банка. Во однос на инфлацијата наведе дека исто така се преземаат мерки и дека на еден среден рок ќе има стабилизирање.
Наведе дека очекува поддршка од Светска банка во однос на спроведување на дигитализација на процесите во Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, како и поддршка од Трезорот на САД преку експертиза за забрзана имплементација на тие процеси.
Како што посочи тоа ќе помогне во давање побрзи услуги кон бизнисот, за што било разговарано и на средбите со македонските иселеници во Чикаго, кои имаат свои компании во САД, но имаат и компании во РС Македонија и планираат да ги прошираат своите деловни активности.
Во одговор на прашање во врска со исплатата на платата на вработените во институциите од секторот култура, рече дека тоа ќе биде направено во оној момент кога платата ќе биде пресметана согласно закон.
„Инсистирам од првиот ден пресметките да ги направат согласно општиот и посебниот колективен договор и во оној момент кога ќе се пресметаат согласно закон ќе бидат исплатени. Преку буџетот 90000 лица земаат плати и немало проблем и истите закони важат и за вработените во секторот култура и тие треба да се почитуваат“, рече министерката, додавајќи дека прашањето со исплата на платите кај инспекторатите е поради неусогласено со посебните закони.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа