Кошта: ЕУ одлучно работи на проширувањето, во мај ќе го посетам Западниот Балкан
Проширувањето, заедно со мирот, се најголемото геостратешко достигнување на Европската Унија и затоа одлучно работиме на проширувањето со нашите соседи од Западен Балкан, Украина и Молдавија, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, најавувајќи дека во текот на мај ќе го посети западнобалканскиот регион.
– Проширувањето е најдобрата геополитичка инвестиција што може да ја направи Европската Унија. Затоа за четири месеци двапати ја посетив Украина. Затоа на почетокот на март ја посетив Молдавија, а оваа година ќе свикаме и билатерален самит. Затоа првиот Самит со кој претседавав беше со Западниот Балкан, регион кој ќе го посетам во мај, истакна Кошта во обраќањето во Центарот за европска политика (ЕПЦ) во Брисел, по повод 68-та годишнина од усвојувањето на Договорот од Рим во 1957 година со кој се поставени темелите на денешната Европска Унија.
Кошта нагласи дека пред 68 години на денешен ден шест европски лидери, поттикнати од чувството на итност и храброст, ги поставија принципите на најуникатниот експеримент во историјата на државноста.
– Земјите кои беа во војна една со друга до пред дванаесет години, се впуштија во мировен проект, спојувајќи ги ресурсите и моќта во заедничка судбина. Судбина што ја делат граѓаните и нациите. Судбина која оттогаш ја осигурува нашата геополитичка тежина и издржливост. Судбина вкоренета во вредностите усвоени од секоја нација која слободно избрала да се приклучи на нашата заедница. Заедница која стана поголема, попросперитетна, помирна, поинтегрирана. Во корист на милиони, рече Кошта.
Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, тие исти доверба, храброст и креативност на татковците основачи на ЕУ се потребни и денес за да се одговори на современите предизвици.
– Колективното чувство на европеизам ни даде алатки за дејствување кога ќе се појават нови кризи. Затоа што секогаш кога сме се соочиле со криза, пропаст и мрак, од неа сме излегувале посилни и пообединети, рече Кошта.
Тој посочи дека по стартот на руската агресија врз Украина „имаше многу гласови кои се сомневаа во нашата способност да останеме обединети, да останеме цврсти, да одговориме на невидени начини на невидена агресија“.
– Руската агресија даде ново чувство на итност за нашата стратешка автономија не само во енергетиката, туку и во одбраната. Оттогаш не води кон колективен напор да ги зголемиме нашите трошоци за одбрана за повеќе од 30 отсто и отворање на патот за одлуки кои ја обликуваат Европа на одбраната, истакна претседателот на Европскиот совет.
Според Кошта, од исклучителна важност е уште еднаш да се им докаже на скептиците дека грешат и ЕУ да се погрижи да излезе посилна од денешните кризи, како што правеше низ историјата.
– Да одлучуваме повеќе и побрзо. Да го отвориме патот за благосостојбата на Европа утре. Да ги ставиме на врвот долгорочните потреби на нашите граѓани, нашата безбедност, нашата економија и нашата Унија, рече Кошта.
Тој потенцира дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува Украинците, за да се создадат услови за праведен, сеопфатен и траен мир во Украина и во Европа.
– Ако Русија смета дека границите на Украина се само линија на картата, зошто треба да ги почитува границите на која било друга земја? Со поддршка на Украина, ние ја поддржуваме Повелбата на ОН, меѓународниот поредок заснован на правила во Европа и пошироко.
Според него, Европа мора да ги стекне сите средства за да се одбрани од воена агресија и тоа да го направи на европски начин. Бидејќи на безбедноста и треба просперитет за да напредува, како што истакна Кошта, со инвестирањето во европската одбрана, ЕУ инвестира во својата индустрија, технологија и во квалитетни работни места за своите граѓани.
– Европската Унија е конзистентен, доверлив и предвидлив партнер кој силно го поддржува и промовира мултилатералниот поредок заснован на правила. Остануваме посветени на сите наши меѓународни ангажмани, за промовирање на фер трговијата, реформа на глобалните финансиски институции, хуманитарна помош, заштита на океаните и да се справиме со климатските промени, глобалниот долг и нееднаквоста, додаде Кошта.
Тој потенцира дека на светот му треба европскиот ангажман и Европа треба да се зближи со своите партнери и да најде решенија кои можат да се прилагодат на најитните глобални предизвици.
– Нашата Унија е се уште најдобриот начин да ги заштитиме, да напредуваме и да ги промовираме нашите интереси во светот. Најдобар начин да ги прифатиме нашите разлики. Да се изгради потребниот консензус. Да ги направиме нашите општества поотпорни, поповрзани, подинамични. Без неа, сите сме послаби, со неа ја држиме иднината во наши раце. Потребно е Европската Унија повторно да блесне. Потребно е Европската Унија да инспирира повеќе. Потребно е Европската Унија да им испорача на своите граѓани. Со самодоверба, со храброст, со креативност, исто како нашите основачи во Рим, заклучи Кошта во обраќањето во ЕПЦ по повод 68-та годишнина од усвојувањето на Римскиот договор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа